Силјановска од Пробиштип: Идентитетот не сме го создале ние, а уште помалку премиерот и тие околу него

Макфакс

19/04/2019

20:50

1.851

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за претседател на Република Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, се сретна со граѓаните во Пробиштип. Таа ги поздрави граѓаните и им се заблагодари на поддршката што ѝ ја даваат во текот на оваа изборна кампања бидејќи, како што истакна, ѝ даваат дополнителна сила за да победи на изборите сè со цел правдата да преовладее во државата.

„Мислам дека оваа пролет власта ќе си замине, а ние, прво, на претседателското место, а потоа и во владата со новиот премиер доаѓаме“, истакна Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова порача дека со неа доаѓаат и жените бидејќи досега не сме имале жена претседател на Собранието, не сме имале жена премиер, ама редно е да се почне од жена претседател на државата.

„Во 21 век власта нема проблем што треба да се смени името, нема проблем што за нас велат дека одново сме биле најмладата држава и нација. Тоа што сме го зацврстиле идентитетот, а тие го осквернавиле, го нагризале, и сега ние треба да докажуваме, игнорирајќи ја нивната придавка ‘северна’, дека се согласуваме на промена на идентитетот. Идентитетот нема да дозволиме да се смени зашто е тоа дел од нас. Идентитетот не сме го создале ние, а уште помалку премиерот и тие околу него“, нагласи Силјановска-Давкова.

Таа појасни дека идентитетот е граден со векови, идентитетот е неразделен од името Македонија, идентитетот е неразделен од македонскиот јазик, идентитетот не трпи придавка ‘северна’. „Зошто тој беше, е и ќе си остане македонски“.

Силјановска-Давкова додаде дека срамот власта ќе го носи додека се живи. Никогаш нема да им се заборави ова зашто никој досега од АСНОМ до денеска не го направил тоа што го направија тие, обвини таа.

„Ако беше толку едноставно, иако беше толку безболно, сигурно уште во 90-тите години по нивниот модел ќе го решеше некој проблемот. Ама јас кога се повикувам на славни државници и политичари, велам во 90-тите години на сите умни луѓе им беше јасно дека спорот е вештачки. Дека не може соседот да има спор за моето име. Може да има за своето. Ама јас не можам да му помогнам ако тој има спор за моето име, нема логика“, рече Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова напомна дека оваа власт од реформи спроведе криминал, корупција, клиентелизам, непотизам. Во овие реформи никој не може да ги надмине, шампиони се.

„Ама не може да го лажете народот целиот мандат, можете да го убедувате дека жртвата била неминовна и дека таа е влезот, визата на патот кон ЕУ. Ништо од датумот за преговори за ЕУ. Не се оди во ЕУ со економија и економски амбиент оценети со нула. Нашиот премиер постојано си игра со бројките на вработените, те 48.000 те 26.000, па министерот за финансии 28.000, па другиот министер за информатика – 26.000, тоа е статистика што нема никаков основ. А бараат, од друга страна, сите експертски сили да се собереле за да им помогнеле во реформите на патот кон ЕУ“, истакна Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова додаде дека власта единствено се фали дека го реформирала името. Тоа не е реформа, тоа е катастрофа. Тоа е погубен потег.

„На 21 април и на 5 мај ќе сфатат дека нивното време истече. Нашето време доаѓа“, порача Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова вети дека како претседателка ќе се обиде секој ден, на секој чекор, да ги уверува граѓаните дека таа нема да се фали оти добила уште една функција, туку да решава македонски проблеми. Вети дека ќе им помогне и на текстилните работници за да се почитуваат и нивните права, да не се чувствуваат загрозено и да ги мачат.

„На власта партијата ѝ е поважна од народот. Статусот им е поважен од народот. Ама министер во превод значи слуга на народот, а не 102 отсто слуга на премиерот“, истакна Силјановска-Давкова.



Спонзорирани линкови

Маркетинг