Ајнтрахт Франкфурт успеа да направи историски пресврт во пресметката против Бенфика и со победата од 2:0 продолжи да сонува за сонот наречен трофеј во Лига Европа.
Германскиот тим ги неутрализираше незгодните 4:2 од гостувањето во Португалија, славејќи на домашен терен со 2:0 во натпревар кој им овозможи за првпат да заиграат во едно европско полуфинале по пауза од цели 39 години. Популарните „орли“ го прелетаа португалскиот првак и си закажаа полуфинална пресметка со Челси, а колку тоа им значеше на домашните фанови можеше да се забележи од 30-минутното лудило кое траеше по крајот на мечот. Навивачите не сакаа да ги напуштат трибините на „Комерцбанк арена“, а во моментите кога играчите дојдоа да ги поздрават најстраствените фанови, за малку не настана трагедија бидејќи се создаде мало стампедо. Двајца редари се обидоа да задржат цела толпа навивачи, а вистинска среќа е што во оваа ситуација никој не мина со посериозни повреди.