Најевтините балкански борбени авиони: Нашите соседи ги продаваат по цена на половен автомобил!

Точка

15/04/2019

17:09

7.228

Големина на фонт

а а а

На северот на соседна Албанија се наоѓа воена база која најдобро го отсликува комунистичкото минато на земјата.

Албанската армија некогаш го контролирала комплексот кој располага со тунели со должина од 600 метри, а сега „Гјадер“ е складиште на десетина застарени „МиГ“ борбени авиони. Три децении после падот на комунизмот, албанските власти сега се обидуваат да ги продадат застарените авиони од советско и кинеско производство.

„Ние го усогласуваме нашето оружје со НАТО стандардите. Што се однесува до овие „МиГ“ борбени авиони, освен носталгијата, поради која ќе задржиме неколку во нашите музеи, другите ги нудиме на продажба“, изјави началникот на Генералштабот на албанската армија, Бардил Колчаку.


Албанските „МиГ“ 17, 19 и 21 веќе одамна се отпишани, а музеите, училиштата и колекционерите изразиле намера да им дадат нов дом на овие застарени воени машини кои некогаш биле гордост на советското воено воздухопловство.

Како што пренесуваат албанските медиуми, кога земјата за прв пат најавила продажба, до владата во Тирана пристигнале бројни понуди од музеи за воздухопловство во Франција и школи за летање во Германија. Продажбите и до ден денес не се реализирани поради бирократски причини. На листата на чекање се и поединци, ентузијасти и вљубеници во авионите, вклучувајќи го и францускиот бизнисмен Жилијен Роше кој албанскиот „МиГ“ би го сместил во својата градина.


„Не е едноставно да се набави таков авион затоа што повеќето се уништени, а не сочувани како во Албанија“, изјавил Роше кој се интересирал за еден од најстарите модели „МиГ 15“ од кинеско производство, чија почетна цена изнесува околу 10 илјади евра.

Албанската воздушна база „Гјадер“ со својата мрежа на тунели била дел од планот на диктаторот Енвер Хоџа да ја утврди земјата затоа што стравувал од странска воена инвазија. Иако базата веќе одамна не се користи, таа и натаму е затворена за јавноста.



Спонзорирани линкови

Маркетинг