Министерката за внатрешни работи на Еквадор, Марија Паула Ромо, соопштила дека била уапсена личност за која се верува дека е клучен играч на Викиликс.
Неименуван службеник на еквадорската влада за AP открил дека станува збор за шведски програмер кој се вика Ола Бини.
Ромо рекла дека тоа лице, кое не го именувала, е уапсено поради сомнение дека ковало заговор против владата во Кито, а апсењето е изведено на аеродромот во главниот град на Еквадор, кога лицето се обидело да се качи на лет за Токио.
"Лице блиско до Викиликс, кое престојувало во Еквадор, е уапсено во попладневните часови додека се подготвувало за патување во Јапонија", напишала Ромо на Твитер.
AP наведува дека ова апсење се случило само неколку часа по апсењето на основачот на Викиликс во Лондон, откако владата на Еквадор му го укинала азилот, со што бил отворен патот за негова екстрадиција во САД.
Ромо за "CNN" рекла дека уапсениот неколку години живеел во Еквадор и дека често патувал во Лондон. "Тој е приведен едноставно поради истражни причини", навела еквадорската министерка.
Потсетуваме, Асанж пред повеќе од шест години добил азил од Еквадор и се наоѓал во амбасадата на таа земја во Лондон, бидејќи му се заканувала екстрадиција во Шведска, каде против него се води постапка за наводно сексуално вознемирување. Асанж цело време тврдел дека тој процес е наместен, како и дека целта е тој да биде предаден на САД каде го товарат за најтешко дело - издавање на државни тајни.
Процесот за сексуално злоставување во меѓувреме бил отфрлен, но останал тој во САД и како што вчера било потврдено од лондонската полиција, Асанж бил уапсен токму на основа на барањето на Вашингтон.
Асанж инаку до скоро бил мирен во амбасадата во Еквадор, но паднал во немилост откако Викиликс почнал да ги критикува еквадорските власти.