Заев со поклон кон тетовци: Овде чука силата на различностите и убавината на единството

Макфакс

11/04/2019

11:23

1.895

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, претставникот од ДУИ и министер за образование, Арбер Адеми и претседателскиoт канидидат, Стево Пендаровски, од Тетово испратија порака до жителите, во име на заедничката иднина на сите граѓани во државата, заеднички да се застане зад кандидатот кој обединува и ги отвора овие перспективи.

Пендаровски на плоштадот во Тетово рече дека најголема чест му е што зад него стојат граѓани од сите етнички заедници.

„Добровечер, Mirbrama, на 21 април и на 5 мај да гласаме за оваа опција, да дадеме ветар во грб на убавите работи во последните две години. Им покажавме на регионот и на светот кој е патот овој регион да стане дел од европскиот континент. Да дојдат парите кај народот, да има инвестиции, работни места, да одиме заедно напред, како што е слоганот на оваа кампања“, порача претседателскиот кандидат.

Тој додаде дека другата опција нуди поништување на се’ што е постигнато, нови тензии и враќање назад.

Претставникот од ДУИ, министерот за образование, Арбер Адеми, повика на силна поддршка за Стево Пендаровски.

„Верувам дека граѓаните силно ќе дадат поддршка за Стево Пендаровски, за европска и евро-атлантска држава. Тоа е чест, почит и одговорност кон реализацијата на нашите стратешки цели кон ЕУ и НАТО“, повика Адеми.

Тој изрази уверување дека Тетово и цела држава ќе гласа за евро-атлантска Македонија и затоа, како што рече, сме обединети.

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, се заблагодари за свеста кај сите граѓани и политички партии за важноста на изградбата Едно општество за сите, потребата да се продолжи напред и повика на максимален фокус изборите да бидат успешни.

„Te nderuar tetovar, добровечер тетовчани. Овде чука силата на различностите и убавината на единството“, рече Заев кој говорот го почна со поклон кон Тетово и граѓаните, за нивниот придонес во изградбата на мултиетничка заедничка држава.

„Со чест и почит кон сите претседателски кандидати, има само еден кој обединува и сплотува. Ова се многу важни избори, досега, тоа што направивме – си го сплотивме народот, Македонец помага на Албанец, Албанец на Македонец, Бошњак на Србин, Турчин на Ром, сите сме еднакви, имаме деца дома на кои им сакаме подобар живот. Да почувствувате во секое семејство повеќе пари, вработувања, надеж и просперитет, тоа е искуството од членството во НАТО и тоа ќе се случи и во нашата земја дополнително и со почетокот на преговорите со ЕУ“, рече Заев.

Како што информираат од штабот на Пендаровски, митингот во Тетово поминал во позитивна атмосфера и обединувачки пораки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг