Може да биде исфрлен од амбасадата во секој момент: Откриена е обемна шпионска операција против Асанж

Точка

10/04/2019

15:36

2.044

Големина на фонт

а а а

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж бил мета на софистицирани шпионски операции во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што живее од 2012-та година, соопштија од Викиликс.

„Викиликс откри обемна шпионска операција против Џулијан Асанж во еквадорската амбасада“, соопшти главната и одговорна уредничка на Викиликс, Кристин Храфсон и додаде дека неговото „исфрлување“ од амбасадата може да се случи во секој момент.

Храфсон не претстави докази за своето тврдење дека се водела шпионска операција против основачот на Викиликс, а од британската новинска агенција „Ројтерс“ исто така не можеа да ги потврдат информациите од независните извори.


„Знаеме дека постоело барање да се достават записите за посетителите на амбасадата и видео снимки од внатрешните безбедносни камери во амбасадата“, откри Кристин Храфсон.

Таа додаде дека претпоставува дека тие информации ѝ биле предадени на администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.


Асанж за многумина е херој, затоа што тој ги разоткри владите ширум светот кои ги злоупотребуваа своите овластувања и го сметаат за борец за слободата на говорот. Сепак, според другите тој е бунтовник кој ја загрозил националната безбедност на САД со објавувањето во јавноста на чувствителни информации.

Откако Асанж откри бројни документи поврзани со војните во Ирак и Авганистан, веднаш потоа беше ставен и на списокот на Интерпол кој што трага по него поради отворена истрага за силување која против него се води во Шведска. Доколку биде исфрлен од еквадорската амбасада, тој експресно ќе заврши зад решетки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг