Како да се заштитите од синдромот на компјутерски вид?

Точка

10/04/2019

10:47

5.936

Големина на фонт

а а а

Неизбежен е контактот со електронските уреди кои штетно влијаат на видот. Но, секогаш постои начин да се заштитите или да го намалите т.н синдром на компјутерски вид.

Според последното истражување кое беше направено со Програмата за рaн скрининг кај деца, очните аномалии се појавуваат на многу рана возраст поради што се препорачува првиот очен преглед кај децата да биде на 3 годишна возраст објаснува Д-р Билјана Костовска, офталмохирург во „Систина Офталмологија“. 

Какви последици може да предизвика нерационалното користење на придобивките од современата технологија?

- Модерниот начин на живот, напредната технологија и секојдневното користење на се пософистицирана апаратура, денес е секојдневие на 60- 90% од популацијата. Се тоа може да предизвика проблем со видот, односно очни симптоми кои спаѓаат во групата на т.н. синдром на компјутерски вид ( Computer vision syndrome-CVS). Тоа не е специфичен проблем, туку вклучува цела низа на очни симптоми како: напрегање на очите, главоболка, заматен вид, суви очи, болки во врат и рамена.

Сината светлина која ја емитуваат овие уреди е штетна за вашите очи. Преголемата изложеност на оваа светлина го зголемува ризикот за макуларна дегенерација и евентуално губење на видот.


Колку време е нормално користењето на електронски уреди?

- Во денешно време повеќето од нас имаат работа која бара гледање во компјутерски монитори повеќе од 8 часа во текот на денот. Вашиот монитор треба да биде поставен на ниво со вашите очи и околу 50 до 70 cm оддалеченост од вашите очи. Положбата на вашето тело треба да биде така што нема да го истегнувате вратот или пак да ги напрегате вашите очи за да читате од екранот.

 Исто така, важно е да ја подесите јачината на светлината на мониторот и да не се рефлектира одблесок за да се заштитите од сината светлина која ја емитуваат мониторите. Секоја пауза искористете ја за раздвижување.

Како влијаат на децата, а како на возрасните?

- Колку и да е тешко да се натераат децата да престанат да гледаат телевизија или да ги користат своите електронски уреди пред спиење, постои добра огромна причина да се случи тоа. Сината светлина го одложува лачењето на мелатонин (хормон на спиењето), поради што се зголемува будноста и го ресетира внатрешниот часовник на телото (или циркуларниот ритам) и ја одложува потребата од спиење. Ова е особено голем проблем за тинејџерите чии циркуларни ритми веќе се менуваат природно и често се будни доцна навечер. Крајниот резултате: лишени од сон или лошо одморени деца.

Поради тоа ограничете ја употребата на електронските уреди два часа пред спиење за да вашето дете има мирен сон. Истото се однесува и за возрасните лица. 


Се поместува ли границата на зголемување на диоптријата? 

- Последното истражување кое беше направено со Програмата за рaн скрининг кај деца покажа дека очните аномалии се појавуваат на многу рана возраст поради што се препорачува првиот очен преглед кај децата да биде на 3 годишна возраст. Правилниот развој на видот влијае на целокупниот развој на детето. Позади овој проект, кој беше отпочнат пред 5 години стојат УСАИД, Лајонс фондацијата, Универзитетот на Југоисточна Европа во соработка со офталмолозите од „Систина Офталмологија“ и истиот ќе биде преземен од страна на Министерство за здравство.

Како да се заштитиме?

- Постојат различни видови на заштити кои може да се постават на мониторот, како и специјални стакла на очила кои го блокираат емитувањето на сината светлина. Секогаш најдете време за 20/ 20/ 20 правилото. Погледнувајте надалеку на секои 20 минути и гледајте во нешто кое што е 20 cm оддалечено од вас во времетраење околу 20 секунди. Кога сме пред компјутер и долго гледаме во екранот не трепкаме доволно. Поради тоа кога ги одмарате очите, трепкајте почесто за да се навлажнат. Доколку чувствувате сувост на очите, ставајте вештачки солзи.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг