В.В. Четкар: Охрид ми е инспирација и незаменлив спокој

Точка

08/04/2019

11:06

3.902

Големина на фонт

а а а

„Going Home“ е новиот студиски албум на Владимир Василевски – Четкар, кој го промовираше на 30-ти март во Њујорк. Зошто можеле да се забележат и солзи во очите на публиката и како поминала промоцијата дознавате токму од него.

Јапонија, Јужна Кореа, Југоисточна Азија, Унгарија, Англија, Аргентина се одличен музички пазар каде и прифатен и успешен, но Охрид и Македонија му се изворот на инспирација.

Дали е потребен само талент да се настапува во Њујорк во музички клубови каде настапуваш, со реноме? 

- Њујоршките музички клубови со високо реноме и традиција од калибарот на Блу Ноут, Иридиум, Би Би Кинг, Џез Стандард, Вилиџ Веингард и т.н. во својата програма покрај најголемите светски џез имиња ги букираат и артистите од поновите генерации кои имаат сериозно портофолио, интернационална кариера и константно квалитетно творештво.


Во овие клубови не може да се плати за да се настапи, туку мора да бидеш избран од самите букинг агенти за да бидеш ставен во нивната официјалната програма и токму затоа се толку престижни и битни за кариерата на поновите артисти.

Неодамна токму во Њујорк го промовираше твојот нов студиски албум? 

- Последниот концерт во Њујорк ми беше во Сабота, 30-ти март на кој го промовирав мојот нов студиски албум Going Home. Таму се претставив со девет музичари на сцената со авторска програма составена од композиции и аранжмани од мојте 3 студиски албуми, We Will Never End, Heavenly и Going Home.

Каде настапуваше поконкретно, како го доживеа просторот, публиката, која беше пораката што сакаше да им ја пренесеш?  

- Настапив во музичкиот клуб ДРОМ, кој важи за еден од најубавите клубови во Ист Вилиџ, Менхетен. Атмосферата беше волшебна токму поради прекрасната публика, убавата музичка сцена и раскошниот висок свод на клубот кој е типичен за Менхетен. Пораката беше да се цениме и сакаме со својте блиски додека сме живи и да ги цениме сите заеднички поминати моменти како нешто најсвето... Толку искрено го порачав тоа што некој од гостите после настапот ми признаа дека се расплакале.


Која е твојата муза, твојот извор на инспирација?

- Страста кон животот, љубовта кон блиските, вечниот оган кој гори за нови авантури и силната носталгија за Охрид и Македонија која ме обзема секогаш кога не сум таму се моите 4 непресушни реки на иснпирација.


Како граѓанин на светот, каде се чувствуваш нај дома?

- Каде и да патувам низ светот Охрид ми е главната станица, а чувството на спокој кое го добивам таму е незаменливо. Таму ми помина детството и тинејџерските години и таму ми е најблиското семејство. Стариот град со улиците и сокаците, прекрасните византиски цркви и ранохристијански базилики, величенствената тврдина со поглед кон езерската шир и околните планини, плажите и кристалното езеро се нешта без кое не можам да си го замислам животот, бидејќи токму таму Господ ми дал душа.

Да не го заборавиме Токио, бидејќи овој град не само што го препозна твојот талент туку и го афирмира во оваа земја. Како дојде до соработката? 

- Јапонија заедно со САД се двата водечки музички пазари во светот но за разлика од Америка, Јапонија единствената земја каде што се уште успешно опстојуваат големите музички продавници како Tower Records, а јапонските радио станици покрај тоа што го следат светскиот комерцијален мејнстрим исто така имаат силна независност и често знаат да вклучат во својата програма и независни музичари и да ги форсираат рамо до рамо со било кој интернационален суперстар. 

Имав ретка привилегија и чест да станам единствениот уметник од овие простори кој уште од крајот на 2013-та година ја издава својата музика на тој пазар преку некој од највлијателните јапонски музички куќи.


Издавањето на мојот нов албум Going Home преку прочуената музичка куќа P-Vine (Пи Вајн) е еден од најголемите успеси во мојата кариера а албумот доби високотиражна дистрибуција ширум Јапонија. Мојата музика е секојдневно во етерот на скоро сите национални и локални радио станици во Јапонија, додека реакциите и критиките се исклучителни, имено водечкиот јапонски музички критичар за фанк, соул, диско и џез, господинот Масахару Јошиока мојот последен албум го нарече ‘неверојатно ремек дело’,

Соработката во Јапонија како и оние во Јужна Кореа, Југоисточна Азија, Унгарија, Англија, Аргентина и многу други земји каде што мојата музика добила подршка е резултат на еден макотрпен и безкомпромисен процес во создавање на висококвалитетни и трајни музички продукти кои порано или покасно се преодредени да биде успешни.


Летово ќе одмараш или ќе настапуваш, каква е агендата? 

- Како и изминатите лета така и ова ќе ги комбинирам двете нешта. Во секој случај ќе имам доста настапи во Македонија и САД додека есента и зимата ми се резервирани за Азија. 

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг