Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО како државна тајна

Макфакс

27/03/2019

17:12

2.226

Големина на фонт

а а а

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ги споделува со јавноста амандманите што вчера беа испратени до министерката за правда, Рената Дескоска, пред за тоа да разговараат работните групи.

Партискиот портпарол, Наум Стоилковски, за „Макфакс“ рече дека за тоа треба да праша, па дополнително ќе соопшти. Но, и по два часа, одговор не стигна. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, на прашање на „Макфакс“ зошто не се јавно објавени 65-те амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа било по барање на министерката за правда, Рената Дескоска.

Дескоска, пак, за „Макфакс“ рече дека тоа не точно и дека нема зошто таа да бара тајност на амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Потврди дека во 20.19 часот на нејзиниот имејл, додека траел ТВ-дуелот меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, стигнале амандманите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека амандманите ги испратиле во 16 часот.

Пратеникот Милошоски, пак, за „Макфакс“ наброја некои од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Едниот од нив, како што рече, се однесува на еднаквост и рамноправност на обвинителите во конкурирањето за одредени позиции во обвинителствата.

„Во државното Јавно обвинителство да има буџетска рамноправност“, рече Милошоски. Пратеникот објасни дека еден од амандманите се однесува на почитување на уставниот принцип за хиерархија и субординација. „Со постојниот предлог СЈО го нарушува принципот на субординација. СЈО со можноста да одлучува самото за предметите е повластено“, рече Милошоски.

За утре попладне во Министерството за правда е закажана трета средба на работните групи, кои овој пат треба да расправаат по конкретните амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг