Спречена е катастрофа буквално во последен момент: Големиот крузер се движел кон карпите, а потоа се случило чудо

Точка

24/03/2019

10:16

7.189

Големина на фонт

а а а

Голем крузер со 1300 патници во последен момент избегнал катастрофа – бродот “Viking Sky” се најде во големи проблеми кога за време на бура му откажале сите мотори, па започнал да плови кон копното.

Капетанот на бродот веднаш испратил повик за помош до спасувачките служби на Норвешка, по што дестина хеликоптери веднаш полетале во спасувачка мисија. Сепак, тоа немало да биде доволно за да се спасат навреме сите патници, доколку екипажот на бродот во последен момент не успеал да оспособи еден од моторите. На крајот, бродот сопрел на два километри од брегот.

Со тоа, бродот практично во последните моменти избегна судир со копното и заринкување, нешто што може да резултира со превртување на бродот и голема катастрофа, слична на онаа на крузерот „Коста Конкордија“ кој во 2012-та година се преврти на брегот на Италија, при што загинаа 32 лица.

Сепак, лошите временски услови им ја отежнале работата на спасувачките служби кои работеа во текот на целата ноќ. Спасувачките служби исто така за локалните медиуми потврдија дека неколкумина патници заработиле и полесни повреди.

Стотици луѓе синоќа објавуваа на социјалните мрежи дека се живи и здрави, а неколкумина ја опишаа и ситуацијата кога настанала општа паника на големиот крузер.

„Бевме на ручек кога одеднаш се започна да се тресе. Во еден момент прозорците испукаа и водата започна да влегува внатре по што настана хаос“, изјави Американецот Џон Кари за норвешката државна телевизија откако бил евакуиран со хеликоптер.


Исто така, во моментите кога синоќа траела големата евакуација на крузерот, норвешките спасувачки служби добиле уште еден повик за помош – помал брод со девет лица исто така бил во дефект, па хеликоптерите морале да реагираат.


Инаку, условите на западот на Норвешка во близина на градот Молде се далеку од идеални. Често има големи бури и бранови високи до 8 метри. Крузерот инаку е во сопственост на “Viking Ocean Cruises” и е дел од групацијата “Viking Cruises” која ја основаше норвешкиот милијардер Торстен Хаген.




Спонзорирани линкови

Маркетинг