„Не бараме милост, туку правда“ – демонстрантите со порака до Заев на протестот за Фета Алими

Макфакс

22/03/2019

15:29

3.224

Големина на фонт

а а а

Група граѓани се собраа денеска на протестен марш, на кој побараа осолободување на Абдулфета Алими, кој е осуден за крвавиот четврток на 7 години затворска казна. Меѓу демонстрантите во првите редови е и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села во придружба на неговиот сопартиец и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Граѓаните носеа пароли со натписи „Правда, правда“, „Нема правда, нема мир“, „Стоп на полтички монтирани процеси“, „Да живее правдата“, „Да се спаси човек не е тероризам“.

Тие побараа од премиерот, Зоран Заев да се заложи за случајот, бидејќи тој бил присутен на настаните во Собранието на 27-ми април. Му порачаа дека не бараат правда, туку милост.

На протестот говореше Маида Јашари, братучетка на Фета која ги повика надлежните да го чујат нивниот глас и да го ослободат Алими.

„Да се стави крај на селективна правда и монтираните процеси. Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски се ослободија иако беа виновни за 27 април, а Фета кој спаси човечки живот е во затвор, ова ли е правда“, рече Јашари.

Салије Јашари, роднина на Фета рече дека ќе протестираат секој втор ден пред суд додека не го видат Фета дома.

Протестот почна од плоштадот „Скендербег“, по повик на синот Фета Алими, Бурим Алими, кој рече дека целта е да се испрати порака дека се против политички монтирани случаи.

Абдулфета Алими на крвавиот четврток беше присутен во Собранието како дел од собраниското обезбедување. Според пресудата, тој не презел ништо за да го спречи насилството во законодавниот дом кое се случувало пред него. При изрекување на казната, Судот го зел предвид и фактот што Алими го спасил пратеникот Зијадин Села, и затоа му определил пониска казна. Алими од сите 16 обвинети за крвавиот четврток доби најниска казна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг