Кавга меѓу ИВЗ и Владата: Реџепи си го бара имотот, Заев се жали дека е уценет

Макфакс

22/03/2019

13:54

1.921

Големина на фонт

а а а

Нерешените спорови за денационализација ги скараа Владата и Исламската верска заедница (ИВЗ). Од ИВЗ обвинуваат дека Владата е селективна и дискриминаторска кога се во прашање имотите на верските заедници и тврдат дека МПЦ е фаворизирана, а од Владата велат дека ИВЗ им се заканува, ги уценува и им поставува ултиматуми.

Исламската верска заедница на Владата и даде рок од 10 дена да најде решение за посочените случаи, а пак, доколку не го испочитуваат, ќе ги известеле надворешните фактори и медиумите.

ИВЗ се обратило до Владата со писмен допис во кој бара итно враќање на имотите.

„Покрај проблемот со бавната, селективна и дискриминаторска денационализација на вакуфскиот имот на штета на ИВЗ, сакаме да укажеме и на проблемите кои ИВЗ ги има од органите на државната власт, кои ја попречуваат во нејзината грижа и секојдневна активност за одржување на верските објекти кои се и културно наследство при што особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти во село Лажец, Битола; Хусамедин пашината џамија во Штип и реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид за чиј објект постои важечка градежна документација и донација која отежнато се користи поради бирократскиот однос на државните институции. Наспроти ова, МПЦ е фаворизирана и привилигирана во секој поглед“, пишува во писмото кое ИВЗ го испрати до Владата.

За Владата, односот на ИВЗ е неприфатлив, бидејќи за предметите кои ги споменува ИВЗ се води постапка пред надлежните институции и тие не зависат од нив.

„Оваа извршна власт никогаш нема да презема чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив. Во таа насока ги отфрламе сите обвинувања дека било која верска заедница е фаворизирана во државата, а таквото обвинување го сметаме за претенденциозно и паушално. Ние сме секуларна држава, верските права и слободи се остваруваат преку градење меѓусебна доверба, а не преку закани и ултиматуми “, пишуваат од Владата.

ИВЗ вели дека за односот на Владата, ќе ги известеле сите верници, во 700 џамии. Владата им препорача да си покренат постапка пред надлежните органи, доколку во нивните случаи не е постапено според законите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг