"Волкот себеси се гледа како татко на мечките, ги штити ако мисли дека се во опасност"

Точка

21/03/2019

17:26

3.005

Големина на фонт

а а а

Крокодилот Гена, лавицата Елза и мечката Тања се меѓу 200-те диви животни кои имале среќа да завршат во Велес, главен руски центар за рехабилитација на диви животни, напуштени или жртви на човековата суровост.

Крокодилот бил оставен во канта за ѓубре и бил пронајден од чистач на улици. 

"Чистачот прво мислел дека се работи за играчка, но играчката потоа оживеала", рекол основачот на Велес, Александар Фјодоров.

Елза во Велес пристигнала откако со авион била пратена во Санкт Петербург како подарок за еден богат бизнисмен на друг.

"Во текот на летот се извлекла од кавезот и шетала во отсекот за багаж. Кога авионот слетал и персоналот почнал да го истоварува багажот, пронашле лав кој ги нападнал", навела ветеринарката во Велес, Наталија Бондаренко.

Човекот на кого му била пратена лавицата побарал од центарот да ја преземе. Како што изгледа, Елза убаво се вклопила во животот во Велес, а посебно ужива во снегот. Мечката Таља пред доаѓањето во Велес минала осум години врзана со ланци.

"Околу вратот имала два ланци кои и зараснале на телото. Еден и навлегол во вратот дури 7 центиметри. Имала неколку операција, последната алка од ланецот и дошла до 'рбетот", вели Фјодоров.

Центарот сака да ги врати животните во дивина, но за многумина тоа не е возможно поради окружувањето или затоа што станале зависни од човековата нега и ги изгубиле инстинктите за преживување.

За некои животни, враќањето во природа би значело напуштање на пријателите. На пример, волкот Волк, кој бил напуштен и пронајден многу мал, се поставил како заштитник на мечката која живее во соседната просторија.

"Волк себеси се гледа како татко на мечките, се грижи за нив, ги штити ако мисли дека се опасност", навела Наталија Бондаренко.

Меѓу останатите жители на центарот, кој се наоѓа на околу 30 километри северно од Санкт Петербург, има и лисици, лосови, магариња, пауни и ежови, а сите тие уживаат во целосното внимание од волонтерите.

Грижата за животните чини околу 155.000 долари годишно. Велес е основан во 2009-та година и има помош од волонтери и државни донации, но најголем дел од средствата доаѓаат од Фјодоров, сопственик на градежна компанија.

"Веројатно е малку да се каже колку ги сакам дивите животни кои обично добиваат малку помош. Исто така може да се каже дека сакам да направам нешто важно во животов", навел Фјородор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг