Повторно гори во Тирана: Полицијата ги спречи демонстрантите да го пробијат кордонот, тие ги нападнаа со шишиња

Точка

21/03/2019

14:19

2.527

Големина на фонт

а а а

Денес во албанскиот главен град, на анти-владиниот протест дојде до нови судири помеѓу демонстрантите и полицијата.

Демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, а кога беа спречени во тоа, тие ги нападнаа полицајците со шишиња и разни предмети.

Инаку, за прв пат на чело на овој опозициски протест не беше присутен лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, па поранешниот премиер Сали Бериша беше дочекан со овации меѓу демонстрантите, кои што се фотографираа со него.

Ова е шести анти-владин протест пред парламентот кој се одвива во времето на одржувањето на пленарната седница, па полицијата поучена од претходните инциденти, овој пат се погрижи да не дојде до поголема ескалација. Пред зградата на парламентот беше поставена железна ограда, а исто така имаше и поголемо присуство на полицијата.

На претходниот протест, незадоволните претставници на опозицијата и граѓаните, се обидоа насилно да влезат во парламентот, напаѓајќи ги полицајците со разни предмети, по што полицијата беше приморана да реагира со употреба на солзавец и водени топови.

Поради тоа, опозицијата поднесе кривична пријава против министерот за внатрешни работи на Албанија, поради наводна злоупотреба на службена должност и масовна употреба на солзавец против демонстрантите.

Инаку, албанската опозиција бара од премиерот Еди Рама да биде формирана преодна влада која ќе спроведе фер и демократски избори.



Спонзорирани линкови

Маркетинг