Антикорупциска отвора предмет за случајот со дивоградбите на Матка

Макфакс

20/03/2019

13:52

1.380

Големина на фонт

а а а

Антикорупциската комисија отвора предмет за случајот со дивоградбите на Матка. Црвеното светло кај антикорипционерите се запалило откако слушнале дека институциите се прогласиле за ненадлежни.

„За Матка институциите се прогласија за ненадлежни и тоа ни го запали црвеното светло, таму има елементи на корупција, општината не донесува одлуки, имаме надлежност да испитаме сомневање за злоупотреби за незаконско работење на општина Сарај “, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Дивоградбите на Матка станаа актуелни кога во првиот залив по браната без било какво одобрение почна да се поставува нова платформа на местото на старата но повисоко над водата и многу поголема.

Сите институции кои имаат ингеренции да ја сопрат градбата се огласија за ненадлежни, состанчеа и си ја префрлаа одговорноста. Додека трае институционалната преписка платформата не само што беше изградена, туку сопственикот и ја украси со цвеќе.

Министерството за транспорт и врски побара од Државниот градежен инспекторат да направи увид во состојбата на Матка, да ги урне дивите платформи и да поднесе извештај кој пак требаше да им биде основа за одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот на Општина Сарај. Комплетен извештај се уште се чека, а Државниот градежен инспекторат информирал дека во Сарај имало барања за легализирање на платформите.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети се изјасни дека ќе бара правна можност за легализирање на платформите изградени во заштитеното подрачје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг