По завршувањето на постапката за предметот „Тенк“ на СЈО, ќе се одлучи што ќе биде со „мерцедесот“. Ова го изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со продажбата на возилото.
Прашан за предизборните ветувања на СДСМ дека со продажбата на „мерцедесот“ ќе се набават нови амбулантни возила на брза помош, Бошњаковски рече дека амбулантни возила веќе се набавуваат. Тој подвлече дека „мерцедесот“ е симбол на расипништво и Владата се откажала од него, а премиерот никогаш не го користи.
„Дел е од судската постапка и додека таа постапка е активна тој ‘мерцедес’ ќе остане таму каде што е. Во истиот момент кога ќе заврши, ќе видиме што ќе се случи“, рече Бошњаковски.
Додаде дека Владата ќе набави нови 12 амбулантни возила за брза помош, а осум возила од Министерството за земјоделие ќе бидат пренаменети.
Постојат серизони разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ, кое бара СЈО да биде посебно одделение, изјави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање.
ВМРО-ДПМНЕ до утре треба да ги достави предлозите во врска со законот за специјалното јавно обвинителство, а задутре е закажана нова средба меѓу Владата и опозицијата на која ќе се разговара за разликите по ова прашање.
Бошњаковски истакна дека за Владата предлог-законот е најсоодветно решение и сметаат оти треба да се имплементира без одолговлекување.
Владиниот портпарол потврди и дека грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ќе дојде во Скопје, но не го прецизира датумот за посетата.