Кејлор Навас ги остави зад себе најлошите денови како член на Реал Мадрид, од едноставна причина што си замина човекот кој имаше најмалку доверба во неговите голмански квалитети.
Сантијаго Солари буквално го закова костариканскиот чувар на мрежата на клупата за резерви и повеќе од јасно беше дека Кејлор ќе си замине од Реал ако тој остане подолго во клубот, но со враќањето на Зинедин Зидан, неговата ситуација се промени уште на првиот меч. Навас доби место во стартната постава на мечот со Селта Виго кој значеше второ деби за Зизу на клупата на „кралскиот клуб“, а сега голманот откри колку му значело присуството на теренот, но и проговори за најтешките моменти оваа сезона.
– Навистина имав голем излив на емоции кога го видов моето име во стартната постава против Селта. Искрено, со Солари имав чувство дека нема да играм, без разлика на тоа што ќе направам на тренинзите. Но, јас секогаш бев голем професионалец, се мотивирав сам бидејќи сум привилегиран со самото тоа што сум дел од Реал, – вели Кејлор во интервјуто за „Кадена Копе“ во кое го посочи и најтешкиот момент оваа сезона.
– На последниот меч од групната фаза против ЦСКА се почувствував многу лошо. Тоа беше навистина грдо. Им се даде шанса речиси на сите мои соиграчи кои помалку играа, освен на мене. Беше тешко да се прифати тоа, но морав да продолжам напорно да работам. Сега сум насочен на тоа што го носи иднината со Зидан, моја цел секогаш беше да останам во Реал, но не можам да си дозволам уште една ваква година, – појаснува Навас.