Една седмица по камбекот на Зидан: Кои се „топ 16“ фаворити за новиот „Галактико“?

Дерби

19/03/2019

16:52

2.082

Големина на фонт

а а а

Враќањето на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид беше проследено со големо внимание од светската фудбалска јавност, а во првите седум дена од неговото назначување веќе низ јавноста беа лиферувани амбициите на „белите“ во поглед на освежување на играчкиот состав.

Навивачите на „кралскиот клуб“ се надеваат и очекуваат дека Французинот и тоа како ќе помогне клубот да се врати на нивото од претходните неколку сезони кога беше неприкосновен, посебно во европските натпреварувања.

Зидан само три дена по неговото назначување даде одобрение за првиот официјален трансфер за следната сезона. „Кралевите“ за сума од околу 50 милиони евра го потпишаа стоперот на Порто и новопечен бразилски репрезентативец, Едер Милитао.

Доаѓањето на младиот стопер веднаш ги подгреа шпекулациите дека еден од редовните фудбалери на клубот ќе ја побара среќата во друга средина. Француските медиуми пренесоа дека Рафаел Варан од следната сезона ќе има нов клуб со образложение дека му е потребен нов предизвик во својата кариера.

Нејасна е ситуацијата со Герет Бејл и Иско кои беа во немилост на Жулен Лопетеги и Сантијаго Солари. И двајцата не се изнаиграа ни кога Зидан го имаше првиот престој на „Бернабеу“, но последните изјави на агентот на Бејл и на самиот Иско даваат можност за евентуално останување во клубот.

Сосема е јасно дека Зинедин Зидан ќе го освежува тимот речиси на сите позиции на теренот, освен на голманската, па така „кралевите“ на пазарот ќе разгледуваат лев бек, планирано е купување на двајца централни играчи за врска, како и на двајца или тројца офанзивци.

Три имиња се споменуваат како можна опција за левата бековска позиција која веројатно ќе остане испразнета со можното заминување на Марсело во Јувентус. Маркос Алонсо од Челси е прв пик, а опции се и Хозе Гаја и Алехандро Грималдо.

Кога станува збор за средината на теренот, постојат шпекулации кои го поврзуваат и нашиот репрезентативец Елиф Елмас со трансфер во главниот град на Шпанија. Освен Елмас, Зидан дал насоки да се разгледува ситуацијата и со Кристијан Ериксен од Тотенхем, а можни опции се и Миралем Пјаниќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Малку возможна варијанта е трансферот на Пол Погба во Реал Мадрид.

Прва опција за нападот е Еден Азар од Челси за кого веќе била испратена првата понуда, а „Франс Фудбал“ доцна синоќа го спомна и името на Садио Мане како идеално решение за Зидан за нападот.

Секако дека освен трансфери на „Сантијаго Бернабеу“ ќе бидеме сведоци на голем играчки „егзодус“ од Реал Мадрид. На една рака се бројат играчите кои со сигурност ќе останат во клубот, додека пак има многу кои се поврзуваат со заминување од Мадрид.

Така, се очекува Реал Мадрид да ги разгледа понудите кои ќе стигнат на нивна адреса и за Марко Асенсио, Лукас Васкез, Лука Модриќ, Карим Бензема…

Реал Мадрид ќе има нов лик под водство на Зинедин Зидан следната сезона во кој „топ 16“ фаворити за место во тимот се:

– актуелните голмани Тибо Куртоа и Кејлор Навас,

– во одбраната незаменливиот капитен Серхио Рамос, Едер Милитао, Начо, Регулион, Маркос Алонсо, Карвахал,

– додека средината на теренот и нападот би го контролирале Крос, Ериксен, Касемиро, Ковачиќ, Себалјос, Мане, Азар, Винисиус, Васкез и Бензема.



Спонзорирани линкови

Маркетинг