Премиерот со премногу овластувања во новата агенција за разузнавање, реагираат експертите

Макфакс

18/03/2019

16:11

2.498

Големина на фонт

а а а

Една од главните забелешки на експертската јавноста на јавната расправа за формирањето на новата агенција за разузнавање која ќе ја замени досегашната УБК, беше тоа што законот предвидува преголеми овластувања на премиерот.

Експертите реагираа тоа што премиерот ќе биде претседателот на телото за внатрешна координација на службите, а ќе го предлага и директорот на Агенцијата за национална безбедност.

При дискусијата на двата закони за формирање на Агенцијата за национална безбедност и предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница држвата, од собранска говорница беа упатени пораки за смена на оваа одредба од законот бидејќи така се отвора сомнеж наместо реформа, повторно да се партизира и монополизира службата.

„Мислам дека на овој начин самиот премиер добива многу инструменти во рацете. Ако сакаме да го избегнеме тој политички призвук, мора да најдеме друг модалитет. Би било подобро друг да го води тој совет или да членуваат претставници од граѓанскиот сектор, од собранието, да не биде како што е сега предложено“, рече професорот Злате Димевски.

Со сличен став беше и професорот Марјан Ѓуровски, кој рече дека не може премиерот да биде главен координатор и носител на одлуките во службата, при тоа нагласувајќи дека се занемарени улогите на шефот на државата и претседателот на собранието кои со законот не се опфатени како членови на советот за координација.

„Кога ќе го прочитаме законот за координација на службите збунува обидот претседателот на владата да се круниса како неприкосновен во координацијата и носењето на одлуките во безбедноста“, рече Ѓуровски.

Експертската фела имаше забелешки и во однос на изборот на кадри во агенцијата за разузнавање. За професорот Маријан Николовски не е спорно што ќе биде формирана комисија која ќе врши селекција на вработените во службата, туку можноста одредени кадри преку интерен оглас да се префрлат во агенцијата.

„Во делот на вработување со спогодбено преземање се остава простор за партизација на службата. Со член од законот се предвидува дека вработен од орган на државна управа, општинска администрација, администрација на Град Скопје со спогодба помеѓу градоначалник и директор на агенцијата може да премине на работа во новата агенција. Во толку големата борба за деполитизација овој член отвора можност за негова злоупотреба“, рече професорот Николовски.

Согласно законот, досегашните вработени во УБК ќе бидат префрлени во новата агенција, доколку ги поминат предвидените проверки, а останатите ќе добијат отказ од службата. За Оливер Андонов од воената академија, ова е репресивна мерка и смета дека треба да се изнајде решение овие луѓе да останат во државната администрација затоа што поседуваат важни информации за државната безбедност.

„Според искуството на безбедносните служби, можеме да кажеме дека тие постапуваат по принципот, може некој да го нацртаме како најубав на светот, а друг да го претставиме како најлош. Треба веднаш да се преработи членот 188, со кој се предвидува отказ од проста причина што овие луѓе во минатото се стекнале со доверливи информации и сега да завршат на улица, можеме да се доведеме во состојба како што ја имаше Бугарија во 90-тите години“, рече Андонов.

Агенцијата за национална безбедност ќе биде регулирана, односно ќе ѝ биде вршен надзор од повеќе државни институции, меѓу кои Врховниот суд, Собранието на СРМ, јавниот обвинител, народниот правобранител, Државниот завод за ревизија и Агенцијата за класифицирани информации. Во склоп на агенцијата, од страна на директорот ќе биде формирана и единица за внатрешна контрола по мислење на Собранието.

Инаку, двата закона и ќе се носат со двотретинско мнозинство. Се очекува целата процедура да заврши до крајот на мај, при што Агенцијата за безбедност треба да почне да функционира од први јуни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг