Никој не знае кога точно би се случило такво нешто, но научниците се сигурни дека сончевата бура еден ден ќе ја погоди планетата Земја.
Сончевите бури се редовна појава која ги воодушевува астрономите, а на нашата Земја немаат некакво големо влијание. Но, светот би можел да се соочи со огромни проблеми ако има таква бура со многу поголем интензитет, а според научниците, такво нешто и дефинитивно може да се случи.
Анализирајќи ги честичките на мразот на Гренланд, научниците открија дека Сончевите бури се редовно случување во животниот циклус на Сонцето. Тоа е познато, но досега не беше познато дека пред околу 2600 години, Земјата била погодена од голема Сончева бура која била 10 пати поголема од било која бура забележана во модерната астрономија.
И додека Сончевата бура пред 2600 години се манифестирала преку појава на „Аурора бореалис“ појужно од вообичаено, една таква бура денес би можела да донесе многу потешки последици по модерниот начин на живеење.
Имено, силата на магнетното поле на Сончевата бура би можела да ги уништи сателитите, комуникациските и електричните системи, односно да не врати во времето пред интернетот и телевизијата, па дури и во времето пред електричната енергија.
Неколку Сончеви бури кои што досега ја имаа погодено Земјата предизвикаа големи поблеми со снабдувањето со електрична енергија во Канада и Шведска.
„Доколку Сончевата бура ја погоди Земјата денес, тоа ќе има сериозни последици по високотехнолошкото општество“, предупредува доктор Рајмунд Мушелер од Универзитетот Лунд.
Токму поради тоа, научниците тврдат дека треба да се започне да се размислува за развивање на одбранбени системи, но и да се изготви резервен план во случај една таква голема Сончева бура да го врати човештвото 200 години во минатото.
Сепак, најголем проблем е тоа што никој не може со сигурност да прогнозира кога една таква бура би можела да ја погоди Земјата.