Директорот на „Етиопијан ерлајнс“ откри што пријавил пилотот пред трагичната несреќа

Макфакс

13/03/2019

22:03

10.818

Големина на фонт

а а а

Пилотот на „Етиопијан ерлајнс“ имал потешкотии со управувањето на авионот, непосредно пред боингот 737 макс 8 да се урне на подрачјето на гратчето Бишофт, 62 километри југоисточно од Адис Абеба, рече извршниот директор на авиокомпанијата за Си-ен-ен.

На снимката од разговорот на пилотот со контолата на летање се слуша дека пилотот имал потешкотии со управувањето на авионот, па побарал да се врати назад.

„Пилотот добил дозвола да се врати на аеродромот, но наскоро леталото исчезнало од радарот“, изјави извршниот директор, Теволд Гебремаријам.

Тој за Си-ен-ен рече дека сите пилоти на „Етиопијан ерлајнс“ добиле дополнителна обука за постапките за време на летот, која вклучувала и информации за процедурите воведени по падот на 737 макс 8 од авиокомпанијата „Лајон ер“.

„Сличностите меѓу двете катастрофи се значајни“, рече Гебремаријам.

„Во двата случаи се работеше за нови модели од истиот авион, и двата лета траеа само неколку минути пред воздухопловите да се урнат“, констатира тој.

Портпарол на „Етиопијан ерлајнс“ во врска со случајот денеска изјави дека црната кутија од авионот кој се урна во неделата, ќе биде испратена на анализа во странство, но и натаму не е одлучено во која земја.

Портпаролот, за агенцијата АП изјавил дека Етиопија нема капацитет да ги анализира снимките од последните летачки параметри, но дека компанијата има широк спектар на опции каде да ја испрати кутијата.

Во последните шест месеци, два авиона боинг 737 макс 8 се урнаа кратко време по полетувањето. Во авионска несреќа што се случи на 10 март, авион од овој тип по полетувањето од Адис Абеба се урна при што загинаа сите 157 патници и членови на екипажот, а во октомври минатата година, боинг на компанијата „Лајон ер“ се урна во Јаванското море, при што загинаа 189 лица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг