Жената во расчекор меѓу традиционалните и современите вредности

Точка

08/03/2019

10:14

2.969

Големина на фонт

а а а

Што е она што треба да се помени во статусот на жената во нашата земја, со оглед на тоа што и во 21век е деградирана објаснува Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институтот за социологија, Филозофски факултет. Се брише онаа „жената е јазол од емоции, а "мажот персонификација на умот“, но бавно, сè уште постојат заблуди.

Дали на патот на еманципацијата ѝ се натрупаа повеќе обврски отколку на мажот. Но, професорката вели: "Со добар план може и да се направи одличен баланс меѓу работа, семејство и грижа за себе си".

Може ли да се зборува за полова еднаквост во нашето опшетство?

- Совремието во кое денес живееме донесе низа позитивни промени, кои имаа за цел подобрување на низа општествени феномени, меѓу кои и статусот на жената. Така да од една временска перспектива во период од 30-40 години со право може да се каже дека имаме полова еднаквост на жената. Но, од друга страна, секојдневно се соочуваме со ситуации во кои жената е деградирана или омаловажена или обесправена, на директен или индиректен начин и сето тоа го фрла во вода претходно споменатото, за потполн полов баланс. На пример сè уште  постојат поделби на машки и женки улоги, професии и тоа тешко се надминува. Исто така сè уште  постојат претпријатија во кои постојат реални препреки жената да напредува во исти услови со мажот, а од друга страна и некогаш е деградирана од аспект доколку прифати висока, носечка, моќна позиција треба да се откаже од улога на мајка во одреден временски период. И тука е тој дисбаланс или не постоење на рамноправност меѓу половите и сметам дека ќе треба уште временски период сето тоа да се надмине.

Имаат ли жените одлучувачка улога?

- Ќе почнам со една изрека која често можеме да ја чуеме, а е во контекст на одлучувачки улоги според полот, нели мажот е главата во секоја куќа, а жената е вратот, што значи дека не може многу да мрда сам по себе. Шегата на страна во одредени сегменти жената има одлучувачка улога, сакале да признаеме или не, реалноста покажува дека на места каде жена е раководител на одредено претпријатие или институција многу полесно се решаваат проблемите. Одлучувачка улога денес имаат во контекст на изборот на партнер, што не било случај во минатото, во изборот на образование и можноста да се едуцираат и школуваат, во можноста да бидат носители на јавни функции, менаџерки, директорки, министерки. Сите овие функции, со кои жената денес успешно се носи се доказ и показ дека и во одлучувачките улоги жените ги извршуваат правилно, посакувано и добро.

Во борбата за еманципација, нели си ги сменија улогите, па можеме да кажеме дека токму таа е посилниот пол (треба да одговори на многу обврски од кои мажите се природно поштедени)?

- Еманципацијата си носи низа привилегии, но и обврски и одговорности. Старата изрека дека жената е столб на семејството не е и денес исклучена, иако многу феминистки замеруваат на таквиот став, јас токму поради обврските со кои жените секојдневно се соочуваат и со успех ги извршуваат сметам дека не е за отфрлање. Таа истовремено е сопруга, мајка, партнер, родител, дете на своите родители, професионалец во работата која ја обавува и сето тоа бара време и енергија, но примерот на многу жени ни покажува дека сите тие улоги жената може со еднаков ентузијазам и успех да ги врши. Не се согласувам дека и денес мажите се поштедени во однос на одредени работи, односно, еманципацијата подразбира и тргање на старите стереоти и предрасуди со кои се величаше маскулинум принципот и мачоизмот и каде срамно беше мажот да готви, чува деца, чисти. Денес во едно семејство егалитарно, современо постои поделба на улогите, но не по полова основа.

Дали е во расчекор македонската жена помеѓу традиционалните и современите вредности?

- Во одредени сегменти може да се каже дека постои расчекор, посебно каде постои јаз меѓу генерациите. Имено ако се живее во голема семејна заедница многу е тешко жената да направи баланс меѓу новите современи и старите традиционални вредности, бидејќи од една страна е притисната од современиот начин на живот, а од друга страна за добробит и мир во куќа мора да почитува и некои традиционални вредности. Исто така е тешко кога треба да прифати висока позиција во претпријатие или некоја институција или одговорна и таа е помеѓу желбата и потребата да напредува и да се надградува, од една страна, а од друга често е осудена дека ги запоставува другите улоги. Тоа е тој јаз меѓу минатотот и сегашноста.

Се чини се помалку го има она што и е најпотребно време за себе ?

- Современиот начин на живот на секому му остава помалку време за себе, посебно ако сакаш да се докажуваш и напредуваш. Истовремено се повеќе време треба да потрошиш на механизмите за напредување, континуирана надградба и се во функција на професионален развој. Од друга страна имате и потреба да бидете и добра сопруга и оние навики на домашно зготвено не сакате да ги запоставите и сето тоа ве става во функција на постојана трка со времето, кое ви останува се помалку да се посветите на себе си. Но, се се може ако се сака и со добар план може и да се направи одличен баланс меѓу работа, семејство и грижа за себе си.

Што би промениле во статусот на жената во нашето општество?

- Има работи кои треба да се променат, секако еманципацијата  сè уште не е завршна, бидејќи имате процент на жени кои сметаат дека се уште треба да бидат потчинети на мажот, потоа при избор секогаш предноста ја даваат на својот партнер и ако имаат подеднаква шанса за напредок тие не ја искористуваат. Јас често велам се додека постојат бариери за напредување на жената, се додека постои и минимум дискриминација, се додека постојат избори за мис каде жената се третира како предмет, се додека постојат подржувачи на мачо принципите се дотогаш ќе има потреба од борба за женски права.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг