Обама е исклучително харизматичен лидер. Но, и тој доцни како нашите политичари и тоа понекогаш и повеќе од час. Белата куќа имала минималното обезбедување при влезот, барем додека тој беше првиот човек на САД. Дозволено било фотографирање насекаде со мобилни телефони.
- Од посетата на Белата куќа научив дека и најневозможните работи можат многу лесно да се исполнат. Зад секое патување се крие една нова авантура која засекогаш ќе ве промени- раскажува за Точка, Силвија Митевска која имала ретка прилика да ја посети Белата куќа и да слуша говор на Обама во време на неговото претседателствување.
- Во 2016-та година учествував на глобална спортско-менторска програма (Global Sport Mentoring Program), која траеше речиси два месеци со престој во Вашингтон, Њујорк и Калифорнија. На програмата бевме вкупно шеснаесет жени и секоја од нас имаше менторка која беше жена на раководна позиција во успешни компании, како Гугл, НХЛ (хокеј лига), Кошаркарска лига, Дизни и други. Преку менторство учевме за стратегиско планирање, унапредување на родовата еднаквост преку спортот и подобрување на лидерските и комуникациските вештини.
Се сеќавам, откако слетав во Вашингтон, веднаш, на првиот ден од обуката која беше многу интезивна и траеше од утро до вечер, се запознав со сите учеснички и со организаторките, прекрасните Ашли и Сара. Следниот ден на пауза за ручек, ме поттргнаа настрана и ме прашаа дали сакам да одам на инаугурација во Белата Куќа, каде претседателот Обама ќе им честита победата на Хокеарскиот тим Пингвини од Питсбург победа и освојување на престижниот Стенли трофеј. На почеток, мислев дека е некое трик прашање. Внимателно размислував дали постои погрешен одговор. Набрзо ми појаснија дека поканата е од мојата менторка Сузан, која е раководителка на оддел во Хокеј Федерацијата.
- Тоа што најпрво ме изненади е минималното обезбедување за влез во Белата Куќа. Замислував дека самото влегување ќе биде долго и мачно и ќе треба да поминам преку многу контроли, меѓутоа не беше така. Има две кратки контроли и веднаш сте во дворот.
Второто изненадување е дека беше дозволено да ги понесеме внатре мобилните телефони и дозволено беше фотографирање насекаде. Направив над 100 фотографии. Првата фотографија, пред да стапнам во Белата Куќа ми е најомилена. Тогаш бев највозбудена.
Веднаш по влезот, има долг ходник на кој стојат обесено портрети од сите поранешни претседатели. Има и многу простории, налик библиотеки и во сите можевме да прошетаме.
- Не го сретнав целото семејство, туку само Обама. И тој како и нашиве политичари доцнеше, можеби повеќе од еден час. Најпрво имаше коктел па, влеговме во просторијата каде го одржа својот говор кој беше многу духовит. Обама е исклучително харизматичен лидер и многу ми е драго што ја посетив Белата Куќа додека тој беше претседател.
- Она што најмногу ќе ги паметам се измешаните емоции, возбуда, среќа. Ќе го паметам моментот кога седев и го слушав неговиот говор, помислувајќи дека сум единствената Македонка која денес е присутна на тој голем настан. Благодарноста што ја чувствував кон мојата менторка, зашто никогаш не помислував дека еден ден ќе бидам гостинка на свечен спортски настав во Белата Куќа.
- Сфатив дека харизмата е многу важна кај еден лидер и дека ако луѓето те сакаат, ќе те следат. Од посетата на Белата куќа научив дека и најневозможните работи можат многу лесно да се исполнат. Зад секое патување се крие една нова авантура која засекогаш ќе ве промени.
(А.В.)