Работници што работеле на брана на реката Парну во Естонија мислеле дека спасуваат куче од замрзнатата река не знаејќи дека, всушност, во својот автомобил ставиле див волк, пренесе Би-би-си.
Кога пробиле пат низ мразот, тие го зеле замрзнатото животно и веднаш го однеле на ветеринар. Дури тогаш кај ветеринарот забележале дека се работи за волк, а не за куче.
Здружението за заштита на животните на Естонија соопшти дека волкот имал низок крвен притисок кога пристигнале кај ветеринарот, што ja објаснува неговата мирна и послушна природа кога луѓето го носеле во автомобилот за да го стоплат.
„Тој беше мирен, дури легна на моите нозе. Кога сакав да ги помрднам, за момент ја исправи главата“, рекол еден од спасувачите.
Според ветеринарите, се работи за локален млад волк, кој е на возраст од една година, познат меѓу ловците во регионот.