Силјановска: Ме болат навредите, но јас сум инает и бунтовник

Макфакс

22/02/2019

15:50

3.400

Големина на фонт

а а а

Кандидатката за претседател зад која застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска-Давкова, предизвика различни реакции во јавноста по објавувањето и изборот на нејзината кандидатура.

Реакциите се движеа од позитивни, преку говор на омраза и сексизам за нејзиниот изглед, до коментари од типот „како е можно вмровски кандидат да биде поранешна министерка во Владата на Бранко Црвенковски“ и зошто премолчела голем дел од општествените случувања за време на владеењето на Никола Груевски.

Во интервју за „Макфакс“ таа одговара на дел од овие прашања, нејзините ставови за шарената револуција, оценува што би направила различно доколку би била избрана за претседател, а јасно ги изразува и своите негодувања во однос на договорот од Преспа. Вели дека е легалист и дека е должна да го прифати договорот, но дека „прашањето сè уште не е затворено“.

„Јас немам проблем да има компромис со име кон надвор, ама име кон сосед за внатре е крајно чудно решение“, вели таа.

Силјановска тврди дека слушала дека нејзиниот молк значел поддршка на „груевизмот“ и додава дека Груевски го сретнала само еднаш, кога се дискутурало за Законот за високо образование.

„Професорите не треба да се секогаш присутни по медиумите, но секогаш кога ме повикувале да кажам свој став, тоа сум го правела. Кај нас има таканаречени ‘прекувремени медиумски фабрички работници’ кои цело време се по телевизии и го окупираат медиумскиот простор. Јас не сум таква личност“, тврди Силјановска.

Таа вели дека кај неа преовладал инаетот и фактот дека очекувала промени по промената на власта, но и дека неколкупати се предомислувала пред да ја поднесе кандидатурата.

„Мотото на шарената револуција беше ‘нема правда, нема мир’, а сега е ‘нема правда, има мир’. Шарената револуција не даде резултати“, вели таа.

Децидно стои на ставот дека не е врзана за ниту една политичка партија и дека нејзиното време на партиски активизам е поминато.

„Партија бирам еднаш, повеќе не. Во 1994 година ја видов политиката однатре и сфатив дека тоа не е мојот живот“, тврди Силјановска, додавајќи дека таа е критичар на секоја власт, па затоа не се пријавила на конкурсот на СДСМ за претседател на државата.

„Но, да беше конкурсот во времето кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, можеби не би било проблем“, вели таа.

Силјановска од утре ќе собира потписи за претседателската кандидатура низ сите подрачни канцеларии низ ДИК во земјава.



Спонзорирани линкови

Маркетинг