Емотивна 22. „Златна бубамара“ - во знакот на Влатко Стефановски, Оливер Драгојевиќ и малиот Марко

Fashionel.mk

22/02/2019

11:48

5.152

Големина на фонт

а а а

На тимот на „Златна бубамара“ му успеа по 22. пат да организираат настан кој сите со нетрпение го очекуваат.

Како што ќе речат и домаќините, Ранко Петровиќ и Сашко Коцев, очекувањата се секогаш различни, но без оглед на тоа ова е единствениот настан каде што можеме да се насмееме на своја сметка, односно на својата мака.

Оваа „Златна бубамара на популарноста“ беше проткаена со емоции.  

Малиот Марко Пејчиноски, кој го преплива Охридско езеро, со сериозен здравствен проблем и на тој начин стана мал голем херој, ја доби наградата за Подвиг на годината. 


- Благодарам на сите што ме поддржуваа и ми помогнаа во мојата цел. Јас имам нова. Оваа година ќе пливам за децата со ретки болести и повторно ќе ми треба вашата поддршка - изјави малиот Марко кој беше поздравен со огромен аплауз и овации, а Сашко и му се поклони. 


Емоции предизвика и настапот на хрватскиот пејач Петар Грашо, кој ја доби наградата за хит на годината за песната „Ако те питају“. Покрај наградената нумера, тој го искористи моментот да ги потсети Македонците и на легендарниот Оливер Драгојевиќ. Петар во хор со публиката, која притоа и создаде ѕвездено небо, ја изведе песната „Цесарица“. 


Нашиот Влатко Стефановски вечерва си замина дома со две наради - за најдобар албум „Мајчин јазик“ и најдобар концерт. Но, публиката си замина полна со впечатоци за неговиот настап. Во придружба на неговиот син Јан, хорот при „Танец“ и академскиот хор „Мирче Ацев“ ја изведе „Учи ме мајко, карај ме“, што посебно ги допре сите пристуни. Двете награди ги посвети на неговата почината сопруга Гордана, братот Горан, со кој неодамна се збогува целата македонска јавност и ќерката.  


Посебните награди за животно дело, односно трајни музички вредности отидоа во рацете на Глигор Копров и Мики Јовановски Џафер. Публиката се потсети и на дел од нивните најголеми композиции, односно песни, па така на сцената се појавија и Владо Јаневски, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов... 


Наградата на Џафер му беше доделена од пожарникарите и дел од екипата на Брза помош, со што тимот на „Бубамара“ сакаше да им оддаде почит за нивиот благороден повик и ангажираност. Пејачот пак, наградата ја посвети на своето семејство, ќерката која живее во Германија и внукот кој има три и пол месеци. 

На сцената го видовме и Бора Чорба и неговиот бенд. Тој ја прими наградата за трајни вредности, а изведбата на хитот „Анѓеле“ заедно со академскиот хор „Мирче Ацев“ е нешто што секој од присутните ќе го памети. 


„Бубамара“ им оддаде признание за нивната работа и на Перо Антиќ, кој е прогласен за спортска легенда. Статуетката му ја врачи Вера Мештеровиќ, која исто така доби Златна бубамара за најпопуларен фотомодел. Со награда дома си заминаа и „Дупер“ кои се откритие на годината, 5+ - детска емисија на годината, додека пак за најдобра балетска претстава беше прогласена „Ана Карењина“ на МОБ. 


Младиот и успешен Дино Имери е Маестро на годината, додека претстава на годината е „Еден месец на село“ при МНТ. Ирена Ристиќ е актерка на годината, додека тв актер е Горан Стојановски. Младиот Дритон Вејсели е најдобар млад тв актер, додека „Преспав“ најдобар ТВ проект. Она што ќе ја израдува публиката е најавата од тимот на серијата, дека ќе има и четврта сезона.  

Најпопуларна емисија е „Фчерашни новости“. Кај Џамбо Агушев отиде наградата за најдобар плех оркестар, а со својот настап успеа одлично да ја расположи и анимира публиката.  


Сашко Коцев како и досега, во улога на водител-домаќин, но и стенд ап комичар, се потруди да измами насмевки кај публиката и повторно успеа во тоа. А секако му помогнаа и случувањата во државава - Преспанскиот договор и единственото пенкало со кое се потпишани сите догооври од 1991 година. Посебното пенкало си доби и песна „Је**м ли ти пенкало“ и посебен танц, на кој нема да останете рамнодушни. Раскажувањата за Мира Дизел, авионите што не се слушаа, а прскаа против комарци, како и фотелјите од телешка кожа, како и тоа што донесе продажбата на алкохол после 19 часот, ќе ве насмеат од срце. 


Последниот дел од манифестацијата беше резервиран повторно за музичките награди. Лазар Цветковски е продуцент на годината, додека пејач на годината е Влатко Лозаноски. Воедно, неговата песна „Јако јако“ е хит на годината. Со настапот на „Нокаут“ кои се група на годината, заврши ова издание на манифестацијата. 




Спонзорирани линкови

Маркетинг