По високите температури од +50 Целзиусови степени, сега ги чека ново зло: Циклонот Ома се движи со брзина од 130 км/ч. и се заканува да ја разори Австралија

Точка

21/02/2019

21:24

4.743

Големина на фонт

а а а

По екстремно високите температури во Австралија, на овој континент ѝ се заканува опасен циклон кој се движи кон брегот.

Властите порачуваат да не се шири паника, туку луѓето добро да се припремат бидејќи циклонот носи лошо време, силни врнежи и олујни ветрови кои ќе достигнат и до 130 км/ч.  

Циклонот Ома во четвртокот наутро достигна втора категорија и стигнал на 950 километри североисточно од Бризбејн по што полека почнува да се движи кон брегот.

Се очекува циклонот да продолжи да се движи кон Бризбејн и Златниот брег, но некои сепак се надеваат дека ќе остане на морето. Претседателот на Бирото за метеорологија, Адам Балзак, изјавил дека сѐ уште постои несогласување околу тоа по кој пат ќе се движи Ома како и колку време ќе трае.

“Постои можност да удри веќе во текот на овој викенд. Во петок, ветерот ќе зајакне, а се очекуваат поројни дождови во текот на викендот”, вели Балзак.

Прогностичарите велат дека постои мала веројатност циклонот Ома да го премине брегот на Квинсленд, но луѓето се предупредени да очекуваат силни ветрови, огромни бранови и висока плима.

Експертите издале предупредување за силни и опасни бранови кои се очекуваат долж источниот брег, а спасувачките екипи и сурферите велат дека поради циклонот ќе бидат затворени и плажите. Многумина стравуваат дека големите бранови би можеле да доведат до ерозија на плажите.

Се претпоставува дека јачината на Ома ќе се зголемува во наредните денови, а иако е необично циклонот да доаѓа во овие јужни краишта, тоа не е без преседан – циклонот Ненси во 1990 година директно го погоди Бризбејн, но не навлезе подлабоко на копното.



Спонзорирани линкови

Маркетинг