Стефан Богоев: Промената да ја почнеме од себе

Точка

21/02/2019

20:46

7.195

Големина на фонт

а а а

„Во врска со патувањата во Соединетите Американски Држави (САД) навистина ми се допадна начинот на кој Американците работат и функционираат. Имав можност да се уверам во работатата на дел од нивните институции, Стејт Департментот кој плени со професионалност, но и голема љубезност и непосредност од страна на службениците“ вели градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев раскажувајќи го своето незаборавно патување за Точка.

Како се одвива еден ден на Американците генерално? 

- Начинот на кој Американците го почнуваат денот навистина е интересен. Во утринска рутина им е трчањето, а потоа се подготвуваат за работниот ден и дневните обврски. Околу 12:00 часот на пладне се користи паузата за ручек и буквално сите се излезени, ручаат во дел од рестораните (најчесто за брза храна), но многу често ќе видите и луѓе во одело и костими како јадат во маалските паркови и скверови (седат на клупа, трева и го земаат својот оброк).


Имаат ли социјален живот?

- При посетите на САД со мене беа и голем дел на млади луѓе – лидери од Македонија, од различни политички партии. Навистина имавме пријатни моменти, како во формалниот дел – состаноци, дебати и посети, така и во неформалниот дел каде што имавме можност да ја „почувствуваме“ Америка од една поинаква перспектива. Да излеземе во нивните кафулиња и пабови, да дознаеме нешто повеќе за нивниот социјален живот кој навистина е побогат од нашиот. Тоа што е добро и интересно е што луѓето кога се во ресторани зборуваат, комуницираат меѓу себе, а не со мобилните телефони. Задоволство ми е што комуникацијата продолжи со голем дел од луѓето со кои заедно бевме во САД. Ова само е потврда дека овие студиски посети придонесуваат за вмрежување меѓу младите, независно од политичка припадност, националност и сл.


Кое е најголемото искуство од сите при посетата на оваа земја?

- Едно од поубавите искуства е средбата со градоначалничката на Манчестер (сојузна држава New Hampshire), Џоис Крег. Навистина разменивме убави искуства кои ми користат и во мојата работа. Како резултат на успешната средба, веднаш кога се вратив од САД испратив Писмо со намера за поголема соработка до градоначалничката на Манчестер.


Можат ли дел од нив да се искористат во наша средина?

- Сметам дека Карпош може да соработува со развиени општини од светот. Корисно е да стекнеме нови практики и искуства од земјата во која луѓето длабоко веруваат во демократијата, изборите, политичките програми и дебати.


Што научи од поискусните политичари?

- Во текот на дебатите кои ги одржуваа со нашата група постојано беше присутна објективноста на говорниците и страста за политиката. Се сретнав и со претставници на Демократската партија и Републиканците, но и со политички аналитичари и претставници од тинк – тенк организации. Тоа што е заедничко за нив е што се самокритични, знаат да детектираат проблем во сопствените редови, да тргнат најпрво од себе и преку свој личен пример да докажат дека е можна промена. Сметам дека тој тип на mindset (начин на размислување) навистина ни недостасува на нас, како општество, во секоја област. Да избегаме од некои замислени ѕидови и предрасуди и промената да ја почнеме од себе.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг