Манчестер Сити покажа огромен карактер на гостувањето во Гелзенкирхен, бидејќи успеа да преживее два пенали, еден црвен картон и една контроверзна ВАР одлука и да однесе голема победа од 2:3.
Тимот на Пеп Гвардиола одлично го отвори мечот и поведе со голот на Кун Агуеро, но пред крајот на првиот дел домаќините направија пресврт откако судијата Дел Серо Гранде на двапати покажа на белата точка. Прецизен реализатор во двата наврати беше Бенталеб, но посебна драма на теренот предизвика пеналот по кој Шалке израмни на 1:1. Дел Серо покажа на белата точка во ситуација кога Отаменди не ја имаше докрај прилепено својата рака со телото, но вистинското лудило настана откако фудбалерите мораа да чекаат повеќе од четири минути за конечната одлука.
Шпанскиот судија побара консултација од ВАР собата за да биде сигурен во својата одлука, но во тие моменти настана голем проблем бидејќи се закочи мониторот крај аут линијата. Во Лигата на шампионите процедурата вели дека главниот судија сам треба да ја прегледа спорната ситуација, но откако стана јасно дека тоа е невозможно, Дел Серо мораше да му верува на Мунуера кој од ВАР собата му порача дека има елементи за пенал. Играчите на двата тима беа доста возбудени додека исчекуваа конечна одлука, а посебно лути беа фудбалерите на Сити кои не можеа да поверуваат што се случи со видео технологијата.