Зелената градина на ГТЦ му се наметнува исто како и барокот, архитектите разочарани

Макфакс

20/02/2019

17:30

4.129

Големина на фонт

а а а

Зелената градина за покривот на Градскиот трговски центар ги разочара архитектите како стручна јавност, а незадоволни се и скопјани кои од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бараат конкретни проекти место шминка.

Архитектите сметаат дека покажаната зелена градина е несериозен обид за уредување јавна површина, револтирани се што немало конкурс за да се одбере најдоброто решение, а скопјани му порачуваат место да сади дрвја на ГТЦ, да изгради кружни текови кај поранешна „Нова Македонија“ и кај Соборниот храм.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Мартин Пановски вели дека понуденото решение воопшто не заслужува да се коментира.

„Мене ми е веќе преку глава да разговарам за детски работи. Она што е таму ставено го има правено некој што или не работи проектирање сериозно или е ангажирана градежна компанија која си има вработено некој млад архитект. Не вреди понатаму да се коментира. Прва работа, доколку нема конкурс за тоа решение, џабе разговараме дури и да е најдоброто. Втората работа е што тоа стварно изгледа смешно за да се даде во јавност, сепак сме 21 век. Ова се зачетоци на три-де рендери, а дизјанот како дизајн е смешен“, вели Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

За зелената градина на ГТЦ Асоцијацијата ќе има и официјален став, кој претседателот Пановски го најави за утре.

На социјалните мрежи нема крај на коментарите за зелената градина. Граѓаните бараат градоначалникот да направи приоритети и да почне да ги решава приоритетните проблеми, а козметичките интервенции, каде што ја сврстуваат градината на ГТЦ, да ги остави за подоцна. Имаат забелешки и зошто не е опфатен целиот покрив туку само дел од него, зошто место само зазеленување предвидено е и поплочување со бекатон и сметаат дека зелената градина му се наметнува на ГТЦ на ист начин како што претходната владејачка гарнитура му го наметнуваше барокот.

На прашањата зошто не е распишан конкурс за идејно решение, кој го изработил проектот и зошто е избрано токму покажаното решение од Град Скопје не одговараат, но објаснуваат дека се работи за предизборно ветување на градоначалникот.

„Изградбата на зелен кров на покривот на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малиот ринг во Скопје, како и проект кој ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на трговскиот. Процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП согласно договорот меѓу УНДП и градот, како и согласно меморандумот за соработка со АД ГТЦ“, појаснуваат од Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов вчера го претстави заедничкиот проект со УНДП и со ГТЦ за зелена градина на покривот на трговскиот на 1800 квадратни метри со 29 високи повеќегодишни дрвја, летна сцена и кафетерија. Не кажа колку пари за градината ќе бидат потрошени од градската каса, чиј е проектот и врз основа на кои критериуми е одбран.



Спонзорирани линкови

Маркетинг