Тјанмен е планински пат кој води до рајот. Неговото име и не е така чудно бидејќи води до истоимената планина Тјанмен Шан (Вратата од рајот) која се издигнува на 1519 метри надморска височина во склоп на спектакуларниот Национален парк во градот Џангџиаџе во северозападниот дел Хунан во Кина.
Иако патот е долг околу 11 километри, изграден е на нерамно и предизвикувачко подрачје. Сместен е на надморска височина од 1100 метри и има дури 99 свиоци, па токму затоа се вбројува во еден од најопасните патишта на светот.
И како тоа да не е доволно, Кинезите морале да се надминат себеси, па затоа од бочните страни на планината во висина од 1430 метри изградиле премин наречен Патот на судбината. Со оглед дека преминот во потполност е направен од стакло и гледа кон провалија, дефинитивно не се препорачува на луѓе кои патат од акрофобија.
Ако пак сакате да уживате во величенствениот поглед кон планината Тјанмен, до неа може да стигнете и по многу посигурната жичара изградена во 2005 година. За неа Кинезите тврдат дека е најдолгата жичара на светот која е поврзана со високата планина бидејќи е долга 7455 метри.