Назим Куртовиќ: Карате-до како начин на живот

Точка

18/02/2019

10:45

8.126

Големина на фонт

а а а

Повод за интервју со д-р Назим Куртовиќ се актуелните светски правила во карате. Токму трудот на нашата македонска карате легенда, насловен како „Квантификација и евалуација на ката-перформансите во спортското карате“, беше основа за примена на новите правила во дисциплината кати (состави).

Во трудот, Куртовиќ целосно ја разработува методиката на тренажниот процес во катите, од каде што се поставува основата за длабинско оценување на квалитетот на нивната изведба и може да се користи за официјална судиска евалуација. Инаку, Куртовиќ е мајстор на карате, носител на 7. степен (ДАН) и член на Директориумот и на Техничкиот комитет на Светската шотокан карате до федерација. Тој е овластен меѓународен инструктор и испитувач од страна на Светската шотокан карате до федерација, чие седиште се наоѓа во Токио, Јапонија.


По што каратето се разликува од останатите боречки вештини? 

- Првобитната намена на боречките вештини била тренирање методи на борење кои биле ефикасни за војна, за самоодбрана од агресори, атентатори или арамии со крајна цел - опстанок. Промените во филозофскиот пристап кај поголемиот број боречки вештини настанале околу 1900-тата година каде фокусот бил пренасочен повеќе на духовните и менталните цели отколку на воените цели за да се дојде до развој на индивидуата.   

Што се однесува до разликите меѓу нив, речиси не постојат. Имено, сите вештини имаат иста идеја базирана на филозофијата на будо, која го означува стариот боречки дух на Јапонија а изворот е од традицијата на бушидо (патот на воинот). Будо е современа форма на физичка култура составена од џудо, кендо, кјудо, сумо, каратедо, аикидо, шоринџи кемпо, нагината и џукендо. Низ вековите, со историските и социјалните промени, овие форми на традиционална култура се преобразиле од борбени техники (џутсу) во патот на самоспознанието (до). Според ова, преку физичкиот тренинг и развојот на духот, практиционерите учат вештини, истовремено, да ги соединат умот, телото и техниката во едно; да го развијат карактерот; да го подигнат моралниот аспект, да се култивира почитта и учтивото однесување. Тренирајќи со посветеност, овие прекрасни особини стануваат составен дел на практикантот. Будо вештините служат како пат кон самоперфекцијата. Ваквиот возвишен човечки дух е неопходен за социјалниот просперитет и хармонија, што претставува ултимативен бенефит за човештвото. Според тоа, каратедо се разликува од останатите вештини само според формата и пристапот при изведување на техничките елементи.

Кој е ефектот од вежбањето КАРАТЕ –ДО? 

- Карате до, како форма на хуманата едукација, промовира ментална дисциплина и развој на карактерот. Тоа е она што каратето го прави До или начин на живот на практикантот. Може да го учат сите луѓе и на сите возрасти. Целта на карате-до, како и на другите будо вештини, не е развој на способноста да се истепа противникот и да се задоволи личното его, туку да го научи практикантот да живее во хармонија со опкружувањето. 

Од друга страна, каратедо позитивно влијае врз практикантите при усвојување на здравиот начин на живеење, го подобрува здравјето, квалитетот на животот и го намалува ризикот од хронични болести. Што се однесува до децата, занимавањето со спорт, посебно со карате до, има позитивна улога во нивниот емоционален развој и ја олеснува социјализацијата. Додека стекнатите особини како работни навики и самодисциплина ги задржуваат до крајот на животот.


Кои се недостатоците кога се во прашање натпреварите? 

- Натпреварите влегуваат во сферата на спортот, кој претставува вистински социолошки феномен на современото општество. Имено, тие сé повеќе стануваат вистински сензации во очекувањата на јавноста безусловно да победува саканиот фаворит, заборавајќи ја целта дека преку спортот, пред сé, треба да се развие свесноста кај спортистите чесно да се натпреваруваат и да победуваат исклучиво преку својот труд. Кога е во прашање карате, лошо е тоа што примарниот пристап на тренерите по клубовите е да ги насочуваат учениците само кон една цел, односно кон натпреварувачкиот тренинг. Притоа, ја прескокнуваат базата и оставаат голема празнина кај своите ученици во нивното суштинско запознавање на карате до. Особено треба да се подвлече фактот дека натпреварувачката кариера трае релативно краток период и дека потоа, актерите треба да се вратат на учење на суштината, бидејќи само така ќе можат квалитетно да создаваат нови генерации после нив. За жал, новите генерации растат само со една програма во главата поврзана исклучиво за спортските натпревари, не покажувајќи интерес за проширување на хоризонтите. За ваквиот пристап, Конфучије на својстен начин прецизира:

„Нема до го учам човекот кој и самиот не сака да учи и нема да му објаснувам на оној кој нема да се обиде сам да си ги разјасни работите. Ако објаснам една четвртина, но човекот сепак не се потруди да размислува за тоа и самиот да го извлече она што премолчено е содржано во останатите три четвртини, тогаш нема да се потрудам да го подучувам повторно“. 


Што би промениле или кои новитети би ги внеле во развјот на каратето? 

- Перспективата за развој на секој спорт зависи, пред сé, од стручното образование на тренерскиот кадар. Иако постојат многу можности за стручно образование, сé уште постојат голем број карате тренери кои немаат соодветно стручно усовршување, освен искуството базирано на посети на разни натпревари или евентуално, низ сопствено минато тренажно и натпреварувачко искуство.  

Со цел да се подигне квалитетот на стручната работа, иако досега се превземани одредени чекори во Карате федерацијата на Македонија, кои за жал не заживеаа, стојам зад ставот дека е потребно, во соработка со соодветни високообразовни институции, што побрзо да се активира интензивен процес на образување на тренерите и останатиот стручен кадар во карате спортот. Образованието да не биде формално, туку врз база на современите научни достигнувања и пренесувано од докажани, признати предавачи од земјава и странство. Со сигурност сметам дека, на долги патеки, тоа ќе ја зголеми тренерска успешност и ќе постави стандарди кои ќе бидат полезни и во други спортови. Покрај професионалното образование, треба да се создадат и услови за паралелно посетување семинари, советувања и останати стручни собири предводени од врвни стручњаци кај нас и во светот. Тука, на исто ниво, би го ставил и прашањето на суштинската едукација на судискиот кадар кој игра огромна улога во насочување на карате спортот.


Има ли потенцијал и заинтересираност за (КАРАТЕ- ДО) во Македонија? 

- Потенцијал секако има, но повторувам, потребно е каратето да се подучува од едуциран кадар, кој ќе има приоритет да создаде широка база, т.е да го изучува каратето како начин на живот, чекор по чекор и како целина составена од техника (кихон), состави (ката) и сите степени на договорена борба (кихон ипон кумите, санбон кумите, џију ипон кумите, каеши ипон кумите и џију кумите) и дури потоа да се премине на натпреварувачки тип на тренинг. Сведоци сме дека, долги години наназад, се случува токму спротивното. Ова има тенденција да продолжи и понатаму и според мене, на долги патеки, ова сигурно може да биде една од главните причини за намалување на интересот за каратето. 

Во време кога младината сé повеќе своето слободно време го минува крај телефоните, таблетите и компјутерите и се поизразени се проблемите поврзани со недостаток на внимание, прекумерна тежина и разни телесни деформитети, моја препорака до родителите е своите наследници да ги насочуваат кон спортот, независно дали е тој е од рекреативен или организиран карактер. Откако ќе се одлучат на тој чекор, особено е важно да внимаваат на кого ќе му ги препуштат своите деца и безусловно да се потрудат да дознаат какви спортски и педагошки знаења поседуваат лицата кои ги тренираат нивните деца и дали имаат соодветна обука за работа со помлади возрасти.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг