Коневски: Мицкоски да сноси одговорност за евентуалниот неуспех на изборите

Макфакс

17/02/2019

15:05

1.584

Големина на фонт

а а а

Членот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, јавно го повикува лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во наредниот период да се посвети на многубројното членство.

„Мицкоски, место да се занимаваш со својата позиција и преку медиумите и колумнистите блиски до тебе да ги обвинуваш партиските неистомисленици, многу пати досега ти укажав дека мора да покажеш конструктивност и да го обединиш членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот успех на претстојните претседателски избори“, пишува Коневски.

Тој исто така додава дека доколку партијата загуби, Мицкоски како актуелен претседател, ќе мора да понесе одговорност.

„На професорката Гордана Силјановска – Давкова ѝ посакувам успех во трката за претседател, што истовремено ќе биде и тест за партијата и нејзиното раководство. Од срце посакувам да победиме, но за да се случи тоа, потребно е обединување. За жал, многу квалитетни и искусни луѓе во моментов се тргнати на страна од партијата, а можат и сигурен сум дека сакаат да му помогнат на ВМРО-ДПМНЕ“, неведува Коневски во обраќањето кое е објавено и на „Фејсбук“.

На крајот тој констатира дека независно од обидите да се релативизираат резултатите од претседателските избори, за евентуалниот неуспех, одговорност мора да има. Во тој контекст, потсетува дека Никола Груевски поднел оставка од позицијата претседател на партијата по поразот на локалните избори во 2017 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг