Медиумите во Англија пренесуваат дека од таборот на Манчестер Јунајтед го загубиле трпението со нивниот напаѓач, Ромелу Лукаку кој игра во катастрофално лоша форма.
Белгискиот репрезентативец никако не може да го најде патот до мрежата на противничките тимови, а кога ќе добие шанса воопшто не ја оправдува бидејќи не може да се состави со топката.
Лукаку нема постигнато гол за Манчестер Јунајтед уште од 2 јануари, кога „Ѓаволите“ славеа против Њукасл. Под водство на Оле Гунар Солскјер, 25 годишниот напаѓач стартуваше на само два натпревари во Премиер лигата, а Маркус Рашфорд ја зграби шансата да игра на неговата позиција откако постигна пет погодоци на последните шест средби за тимот.
Сега, „Дејли Мејл“ пренесува дека од таборот на Манчестер Јунајтед размислуваат да го продадат Лукаку и со парите од неговиот трансфер да донесат еден од аргентинските репрезентативци, Пауло Дибала или Мауро Икарди.
И двајцата не се во најдобри односи со управите на Јувентус и Интер, па од Манчестер Јунајтед ќе се обидат да ја искористат таа ситуација и да ги ангажираат во своите редови.
Сепак, постои можност Лукаку да ја врати довербата од раководството на клубот, доколку во периодот што претстои се прикаже во добро светло. Белгиецот сигурно ќе добие шанса со оглед на тоа што Лингард и Марсијал ќе ги пропуштат средбите со Челси и Ливерпул, а неизвесни се и за натпреварот со Кристал Палас.