Членството во ЕУ и НАТО, но не како Северна Македонија – заедничко за сите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ

Точка

16/02/2019

17:41

4.701

Големина на фонт

а а а

На конвенцијата за избор на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Струга, на која учествуваат 523 делегати од партијата, попладнево свои говори пред присутните одржаа кандидатите: Ѓорѓи Манасков од Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, професорот во пензија Илија Димовски, Филип Петровски – ексдиректор на Архивот, професор Никита Шекутковски, директорот на „Дрисла“, Горан Ангелов и Сашо Кутлешовски – професор.

Кандидатот, Ѓорѓи Манасков, истакна дека најдобар начин да се избере претседател е заедно со техничка влада и предвремени избори, затоа што постои опасност од полнење на кутиите. Сепак тој посочи и дека претседателските избори се добра шанаса за ВМРО-ДПМНЕ и ги повика делегатите да галсаат за него.

„Не сум само теоретичар, туку и практичар. Се што планирам – реализирам, поседувам војничка дисциплина. Честа е во нас и пред вас и затоа сметам дека ова е момент да победиме на овие избори на еден културен и достоинстен начин“, кажа тој.

Фармацевтот, Васко Костов, пред делегатите посочи дека доколку е избран за претседател ќе се залага за влдеење на правото, економски развој и демократско единство. Рече дека ќе работи во согласност со законот и за интересите на народот.

„Ќе се залагам за членство на Македониија во ЕУ и НАТО, но под уставното име, а не како Северна Македонија. Ќе соработувам и со други држави како што е Русија и останатите земји пријатели кои и мислат добро на Македонија“, истакна Костов.

Професорот во пензија Илија Димовски рече дека многупати можел да замине од државата, но не го сторил тоа зошто ја сака земјата. Истакна дека ќе се заложи за стратегија со која ќе ја промени, како што кажа, катастрофалната состојба со миграцијата од Македонија.

„Ќе работам на решенија за наталитетот, зошто има многу немажени и неженети лица“, порача Димовски и додаде дека особено ќе работи на подобрување на состојбата во здравството и за реформи во високото, средното и основното образование.

Никита Шекутковски – редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје смета дека тој е човекот кој ќе го притисне копчето ,,ресет” и ќе се одбиде да ја смени политичката ситуација во земјава.

„Во моментов најбитни се нацијата и државата. Мораме да имаме една национална линија, за антиката, средновековието, деветнаесетиот и дваесетиот век. Со постигнато национално и државно единство многу полесно ќе ги постигнеме целите кон кои се стремиме“, порача Шекутковски.

Горан Ангелов од Виница во обраќањето кажа дека и да не бидае избран ќе го поддржи избраниот кандидат зошто, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ мора да победи и да ја врати Македонија. Ангелов порача дека ќе работи на подобрување на Армијата на Република Македонија, зошто безбедноста е столб на една земја.

„Ќе предложам да се воведе воен рок, од барем 3-4 месеци, за да можат нашите деца да се научат на принципи. Армијата ќе брани од вистинските непријатели“, порача Ангелов.

Професорот Сашо Кутлешовски истакна дека кога ќе биде претседатадел ќе се заложи да се отвори Академија за дипломатија, затоа што според него, дипломатијата во моментов се води инцидентно и Македонија надвор не се претставува на правиот начин.

„Сметам дека треба да имаме високо професионални дипломати кои ќе поминат низ еден процес на едукација и ќе ја претстават Македонија на донстоинствен начин“, рече Кутлешовски.

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да гласаат за избор на еден од деветте пријавени кандидати за претседател на државата. На гласачките ливчиња кандидатите се испишани по азбучен ред, според првата буква од презимето.

На конвенцијата во Струга што почна напладне, дадена е пауза од два часа, додека трае гласањето, по што, во 18:00 треба да продолжи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг