Шекеринска по првпат на НАТО-состанок: Ова е историски момент за нас и за алијансата

Макфакс

13/02/2019

17:47

2.323

Големина на фонт

а а а

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, стана првиот македонски министер кој во Брисел учествувал на официјален состанок на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Започнувајќи го состанокот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ѝ упати добредојде на министерката Шекеринска и изрази задоволство што таа учествува на министерскиот состанок.

„Ова е историски момент за нас и за алијансата. Заедно поминавме низ многу предизвици. Заедно остануваме одлучни да ја браниме слободата, заедничкото наследство на нашите народи, базирани на принципите на демократијата, индивидуалните слободи и владеењето на правото“, рече Шекеринска пред министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.

Цитирајќи го Винстон Черчил, министерката рече дека како земја сме свесни оти ова е „крај на почетокот“ и дека сме подготвени да се соочиме со новите предизвици.

„Како полноправен член, алијансата може да смета на нас како способни и подготвени да дадеме придонес кон колективната мисија за заштита и одбрана на нашите заеднички демократски вредности“, додаде Шекеринска.

Таа посочи дека одбранбениот буџет е во пораст, согласно со насоките од алијансата за издвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ, а дека сме и во фаза на имплементација на Стратегискиот одбранбен преглед.

„Отворените врати за Република Северна Македонија во НАТО се доказ дека алијансата е динамична институција која гледа кон иднината и може да се носи со предизвиците на одбраната и денеска како и пред 70 години. Република Северна Македонија е со вас. Се радувам на нашата заедничка иднина“, заклучи министерката.

Како што информираат од надлежносто министерство, на маргините на министерскиот состанок во Брисел, Шекеринска остварила средби со бугарскиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана.

Посетата ќе продолжи со билатерални состаноци со грчкиот, со турскиот и со белгискиот министер за одбрана.



Спонзорирани линкови

Маркетинг