Американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на федералните агенции да го интензивираат истражувањето и развојот на вештачката интелигенција, за да се обезбеди доминација на САД.
Како што пренесуваат американските медиуми, во декретот кој што Трамп го потпишал во текот на вчерашниот ден, тој истакнал дека вештачката интелигенција е од „клучно значење“ за националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Трамп предупреди дека САД не смее да заостанува зад конкурентите во трката за надмоќ во областа на вештачката интелигенција.
Во декретот е наведено дека „континуираното лидерство на Америка“ во секторот на високата технологија „е од клучно значење за економската и националната безбедност“ на државата и дека неговата администрација води политика за нејзино „одржување и унапредување“.
Исто така, во документот се укажува на пет принципи по кои федералните агенции ќе се водат во спроведувањето на овој амбициозен план, а еден од нив е „обука на сегашните и идните генерации на американски работници за вештини на развој и примена на технологијата на вештачката интелигенција“, како и работа на зголемување на довербата на американските граѓани во оваа технологија.
Американските агенции сега се должни да поднесат соодветен акциски план во рок од 120 дена од објавувањето на декретот.
Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша указот во моментите кога премоќта на САД во овој домен е изложена на опасност од напредокот пред се на Кина во оваа област.
Најновите анкети кои што ги спроведе “PwC” покажуваат дека 25% од директорите на водечките кинески компании користат вештачка интелигенција во компаниите, додека во Соединетите Американски Држави тој процент изнесува само 5%.