Американците ги смируваат Србите и Албанците: Престанете со провокации и следете го примерот на Македонија и Грција!

Точка

08/02/2019

16:59

4.267

Големина на фонт

а а а

САД продолжуваат со дипломатскиот притисок на Белград и Приштина повторно да седнат на преговарачка маса и да се вратат на дијалогот за решавање на косовсото прашање.

Ова во име на Вашингтон денес го побараа амбасадорите на САД во Србија и на Косово кои што сметаат дека „средиштето“ на очекуваниот договор на двете страни е „взаемното признавање“.

Време е Косово да ги укине царините, Србија да одговори на конструктивен начин, да престанат провокациите на двете страни и Белград и Приштина да се вратат на дијалогот кој го води Европската унија и двете страни да се определат за мир и взаемно признавање. Ова го побараа американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот и на Косово, Филип Коснет.

„Ако тоа го направите, оптимисти сме дека можете да постигнете историски договор за нормализација во 2019-та година“, истакнаа Скот и Коснет во текстот објавен после месец и пол откако претседателот на САД, Доналд Трамп во одвоени писма ги охрабри претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, нагласувајќи дека „договорот е достижен“.

Потсетувајќи дека со неодамнешното писмо и претседателот Трамп ги охрабрил лидерите на Србија и Косово „да го искористат моментот и своето политичко водство да го употребат за носење на одлуки кои ќе ги помират двете земји“, амбасадорите нагласуваат дека Трамп исто така ги повикал Вучиќ и Тачи во Белата куќа заедно да го одбележат тој успех, кога секако ќе дојде до него.


Амбасадорите во писмото велат дека „САД нема да кажат како тоа решение треба да изгледа, но веруваат дека мора да биде применето и на Косово и во Србија и мора да придонесе за долгорочната стабилност во регионот“.

Договорот помеѓу Белград и Приштина, мора да биде опсежен и обострано корисен, за Косово и Србија да имаат удел во неговиот успех.

Договорот помеѓу Скопје и Атина да послужи како инспирација



Двајцата дипломати укажуваат на тоа дека договорот помеѓу Скопје и Атина за решавањето на повеќедеценискиот спор околу името Македонија „треба да биде инспирација за сите во регионот“.


Според двајцата амбасадори, токму договорот помеѓу Македонците и Грците треба да биде инспирација за да биде решен спорот и помеѓу Србите и Албанците, инсистирајќи дека „ниту Косово, ниту Србија немаат корист од понатамошни опструкции и одолговлекување“.

Кајл Скот и Филип Коснет нагласуваат дека „трајниот и применлив компромисен договор е во интерес на двете земји“.

„Долгорочната стабилност и напредок на Косово и Србија зависат од враќањето на дијалогот кој го предводи Европската унија и од храброста да се надмине минатото и заедно да се грати заедничка иднина. Ако Србија и Косово се подготвени да тргнат по тој пат, САД ќе биде на ваша страна на секој чекор“, порачаа во писмото двајцата амбасадори.



Спонзорирани линкови

Маркетинг