Марина Мијаковска: Да патуваш значи да пишуваш и за да пишуваш мора да патуваш!

Точка

06/02/2019

10:50

3.852

Големина на фонт

а а а

Тоа што по поплавите во Австралија има змии и крокодили, ама воопшто не не плаши да прошетаме токму во оваа од една страна далечна земја, од друга страна ако земеме предвид колку не има и таму, па и не така далечна.

„На земјава мека и црвена

под нозеве

засадив Сонце

во мрежа

од синевина..“

Го опева Сиднеј македонската поетеса, писателка, Марина Мијаковска и како што најдобро умеат поетите и писателите преку зборот, ве носи преку океанот.

Како реагираат сетилата на еден писател кога ќе се најде во Австралија? 

- Да патуваш значи да пишуваш и за да пишуваш мора да патуваш! Многу сакам да патувам. Едно од моите најубави и најимпресивни патувања во животот ми беше патувањето во Австралија во 2013 година во периодот од 17 јуни до 20 септември. Заминав на тримесечен одмор кај тетка ми Нада Јадроска. Австралија ми ги отвори сите сетила на убавото и пишувањето, ми донесе нови искуства и сознанија. Австралија е прекрасна земја со добро организиран систем на живеење и функционирање, изобилува со исклучителна природа, а посебно сетилата ми ги разбранува „раката на океанот“ и неговите опојни намотки од морска сол. Неслучајно е една од најдобрите земји за живот. Во тримесечниот престој посетив десетина градови од државата Њу Саут Вејлс: Сиднеј; Мелбурн, Волунгонг, Киама, Њу Кастел, Канбера, Голбурн, Квинбијан, Катумба, и други. Бидејќи сум писателка, импресивноста од доживеаните убавини на оваа егзотична култура ги преточив во експресивно книжевно издание во кое ги опишав сите сетилни богатства на австралискиот дух и шарм. Таму ја напишав една од моите најубави стихозбирки „Психоаналитичка алхемија од страсти“. Кога се вратив од патувањето оваа книга ја доби наградата „Караманов“ за 2013 година, а во 2018 година доби и аудио издание. Мислам дека таа книга носи посебен белег во моето творештво и е неповторлива книга, бидејќи инспиративните конци ги плетев токму на тлото на црвената земја – Австралија.

СИДНЕЈ

На земјава мека и црвена 
под нозеве 
засадив Сонце 
во мрежа 
од синевина 
Не го слушам 
рикот жаловен 
од месестите усни 
на Абориџините 
Ги заборавив 
прекорните погледи 
од костенливите очи 
на ,,Првите’’ 
Барам право 
одејќи 
по жолт пат 
Барав право за глас 
Пушти ме да ползам 
по жици 
од метал и стакло 
ко бел гулаб 
вдомен 
на Darling harbour 
Еден е патот за Сите 
А, Сите се Едно по патов 
Пушти ме!     
27 07 2013 

[Сиднеј пред Харбор бриџ со тетка ми Нада Јадроска]

Што е она што најмногу испирира таму? 

- Инспирира хармонијата на природата и еколошката свест, инспирираат различностите, кенгурите и рајските птици и коалите, тоа што се почитува ред и закон и што постои еднаквост за сите, културните слоеви, мешаните бракови, добрите и културните луѓе, итн. Инспирира секој човек, секој различен зачин, мирис, вкус на добра храна. Едно од омилените јадење од таму ми е слаткиот компир со сусам.

 [Сиднеј спроти Опера хаус]

Кој од 10 –те градови што ги посети ти остави најголем впечаток и зошто?

-Во Австралија секој град, секое село, планина, река, езеро, океан има посебна убавина. Таму не може да се види естетика на грдото, туку само естетика на убавото. Сите градови ми беа посебни и впечатливи по нешто. Најимпресивни ми беа Сиднеј, Волунгонг и Мелбурн. Во поголем дел од мојот престој бев во Сиднеј и имав можност да посетам најразлични знаменитости: Кулата око, Црквата Св. Мери, Ботаничката градина, Плоштадот Мартинс плејс, Опера хаус, а највпечатлива ми беше золошката градина Тарунга зоо која е најголемата золошка градина во светот. Сиднеј има многу убава клима со топло лето и блага и топла зима до 20 степени. Ми годеше климата, чистиот воздух, спокојството кое се чувствува кога си на тоа егзотично тло. Постои ред и закон што важи за сите. Тоа што е импресивно е мултиетничкото општество. Мелбурн ми остави впечаток на урбан град со убава модерна архитектура. Ме импресионираше археолошкиот музеј во Мелбурн и Аквариумот. Волунгонг е убаво мало гратче покрај океанот со импресивен светилник и многу раскошни плажи.   

  [Мелбурн – центарот на градот]

Колку се гаи уметноста?

- Австралија е земја со богата култура. Поради тоа што живеат најразлични раси и националности оваа култура е повеќеслојна и многу шарена. На едно место ги имате слоевите од: Абориџините, кинеската и индиската култура, македонската, англиската, италијанската итн. Има многу културни настани, концерти, музеи од најразличен тип. Имав можност да запознаам неколку наши писатели кои живеат таму и успеав да имам свое претставување во Македонското друштво на писатели „Григор Прличев“ во Сиднеј.

[Киама - вулканот во океанот]


Кои уметнички зданија би требало да се видат?


Сиднеј секако треба да се видат Кулата око во која имаш панорамски разглед на целиот Сиднеј, Харбр бриџ и Опера хаус која е исклучително светско чудо што лежи во дланката на океанот, Тарунга Зоо, Бондеј бич, итн. Во Мелбурн секако Аквариумот, Музеите, егзотичните трговски центри, црквите и религиозните храмови. Во Канбера парламент хаус.

 [Кулата EYE TOWER во Сиднеј]

Патувањето е како читање книга. Џабе патуваш, ако не научип ништо. Што може да се научи од една Австралија? 

- Патувањето во Австралија ме промени како личност. Таму сретнав доста луѓе од различни раси и нации од кои научив многу нешта и добив многу убави совети. Луѓето што ги запознав се благородни, великодушни, културни и работливи. После ова патување научив што значи да се живее со полна пареа и брзо темпо, бидејќи времето никого не чека. Денот мора да се искористи максимално за многу активности, професионални и приватни. Сфатив дека мора многу да работиме, дури и по неколку работни ангажмани затоа што некои работи се прават само во вистинскиот момент и со добри испланираната агенда.  

[Волунгонг – раскошните плажи и светилниците]

Има многу Македонци таму, мислиш дека лесно им било да се адаптираат?

- Поинакво е чувството да се посети Австралија како турист, а поинаку е да се живее и работи таму. Не им било лесно на нашите Македонци кои заминале пред повеќе од 40 години и морале да се адаптираат на англиската култура и јазик и мултикултурниот општествен колорит. Меѓутоа во здраво изграденото општество секој човек има вредност и е заштитен. Затоа сметам дека секој кој заминал таму останал да живее, бидејќи ветената земја и нејзините опојни бои, мириси и вкусови те обземаат и задржуваат. Австралија е земјата во која и јас би можела со задоволство да живеам!     

[Парламент хаус во Канбера]

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг