Ако треба, ќе дојдам и гол: Мадуро ѝ се обратил на нацијата и порачал дека е подготвен да се состане со опозицијата било каде, а еве што му рекол Путин

Точка

25/01/2019

21:28

6.472

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во петокот изјавил дека ги прекинал односите со американската влада и претседателот на САД, Доналд Трамп, но дека тој прекин не ги опфаќа сферите на енергетиката и економијата.

Претседателот на Венецуела исто така навел дека е подготвен за состанок со шефот на опозицискиот парламент на земјата, Хуан Гваидо, под било какви услови. 

"Секогаш постои канал за дијалог со опозицијата, во било кои околности", рекол Мадуро и нагласил дека е подготвен за состанок со Гваидо било кога.

"Ако треба да се сретнам со тоа момче...во три наутро, ќе отидам, ако треба да дојдам гол, ќе дојдам, подготвен сум за дијалог", рекол Мадуро.

"Венецуела има намера да продолжи со односите со САД во разни области, но не и во сферата на дипломатијата и политиката", рекол Мадуро на прес-конференцијата.

Тој додал дека Венецуела ќе продолжи да и продава нафта на Америка, доколку таа сака да купува.

"Ќе продолжиме да продаваме се што продаваме. Ако тие купуваат од нас компир, ќе им го продадеме, ако купуваат кромид, ќе им продадеме. Ако купуваат нафта, ќе им продадеме. А ако не купуваат, ќе ги продадеме на друго место", рекол Мадуро.

Зборувајќи за моменталната ситуација во својата земја, Мадуро рекол дека не гледа ниедна причина да ја напушти функцијата претседател на државата.

Тој, исто така, рекол дека го поддржува одржувањето на седницата на Советот за безбедност при ОН по повод ситуацијата во Венецуела.

Русија и Венецуела ќе продолжат да соработуваат во разни области, додал Мадуро.

"Претседателот на Русија, Владимир Путин ми ја потврди својата поддршка", рекол тој.

Во средата Мадуро соопштил дека ги прекинува дипломатските односи со САД и побарал од американските дипломати да ја напуштат Венецуела во рок од 72 часа. Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, одбил да го признае тоа барање, изјавувајќи дека Мадуро нема право да го бара тоа.

Во средата во Каракас започнале масовни протести против актуелниот претседател на Венецуела. Претседателот на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, истиот ден се прогласил себеси за привремен шеф на државата.

САД и низа други земји соопштиле дека го признаваат Гваидо и побарале од Мадуро, чиј избор за претседател не го сметаат за легален, да не дозволи насилни дејства против опозицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг