Оливера Ѓоргоска: Ја сакам Македонија, но не би се вратила

Точка

25/01/2019

21:51

17.846

Големина на фонт

а а а

На многумина од вас позната како шармантна македонска поп-ѕвезда, но веќе осум години живее и работи во Лас Вегас. Предава во музичко училиште и го подготвува докторатот.

Ѝ недостасува семејството, од кое има најголема поддршка, но не би се вратила да живее во Македонија. Токму затоа што Лас Вегас нуди големи можности за реализирање на потенцијалот на сите. На прошетка до најдобрите атракции ве носи Оливера Ѓоргоска. Уживајте! 

По што се разликува Вегас од останатите американски градови? 

- Лас Вегас е специфичен град. Не е како секој град во Америка. Тука многу работи ќе бидат чудни за нашата култура. Вегас е туристички град и многу туристи од различна култура доаѓаат да се забавуваат и да го видат затоа што е вистинска атракција. Но, има доста луѓе со различна култура што живеат тука исто така, поради големите можности што градот нуди.Посебна култура што преовладува во овој град нема. Вегас е состав од многу култури и тоа е се поради туризмот.


Имаат ли социјален живот локалците? 

- Генерално секој си ја брка својата работа и многу луѓето не се замараат за ситници. Луѓето најчесто работат по две - три работи тука и поради тоа се нема многу време за дружба и излегување на кафе често. Најчесто луѓето коминуцираат преку пораки и многу ретко креваат слушалка на телефонски повик.


Каде се релаксираш во слободното време? 

- Слободното време го поминувам најчесто на некое шоу во Вегас, дружба со пријателите и често одам во Калифорнија да уживам во тие убавини кои се подруги од Вегас и за нови проекти. Сакам да патувам во подалечни дестинации, но тоа се зависи од колку обврски имам на работа, на школо и зависи од буџетот. 


Лесно ли беше да се навикнеш на такво темпо на живот? 

- На почетокот морам да признам дека беше тешко да се адаптирам затоа што бев сама тука, не познавав никого и мојот англиски не беше баш совршен. Но, времето си го прави своето. Веќе 8 години сум во Америка и веќе се адаптирав на овој менталитет. Имаше многу угорнини и надолнини. Тоа те прави појак и силен човек. За се во животот треба труд и работа, така што јас го знаев тоа од порано. Нема друг начин до успехот. Без разлика што животот ќе донесе, мора да бидеме упорни и константно да мислиме позитивно и да одиме напред. Тоа не значи дека е лесно, но значи дека си доволно силен да не се откажеш и да продолжиш понатаму.

За среќа имам прекрасни родители кои можеби не можат да бидат до мене, но секогаш се тука за мене, со многу паментни совети.


Што ти беше најтешко?

- Кога си во туѓа земја сам, најтешко е тоа што твоите најблиски не се до тебе и најчесто за празници ја чувствуваш осаменоста.


Во што се пронајде таму? 

- Америчкиот систем е таков што прави се да е полесно за луѓето кои живеат во државата. Се пронајдов со мојата музика, школување. Нема граници тука. Не си лимитиран.

Моментално ја пишувам десертацијата и ми е последен семестар од моите докторски студии. Предавам во училиште како професор по музика.

Наскоро ќе снимам нови песни и ќе бидам во нови проекти. Конечно ќе имам подолго време да се фокусирам на мојата кариера, затоа што школото одзема многу време, каде што не се каам поради тоа. Училиштето за мене беше на прво место.

Би се вратила во Македонија? 

- Тука сум веќе 8 години и се навикнав. Имам своја рутина, пријатели, работа, за жал тешко дека ќе се вратам пак да живеам во Македонија. Моите најблиски се се уште таму, ќе си ја посетувам Македонија. Си ја сакам Македонија.  

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг