Русија ги предупредува САД: Ќе го штитиме суверенитетот на Венецуела! Американска воена интервенција ќе биде катастрофа

Точка

24/01/2019

18:07

2.955

Големина на фонт

а а а

Русија ги предупредува САД да не се мешаат воено во кризата во Венецуела, бидејќи тоа би можело да има катастрофални последици, изјавил заменик шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков.

"Ги предупредуваме САД да не се мешаат воено во ситуацијата во Венецуела. Сметаме дека тоа би било катастрофално сценарио кое ќе ги потресе темелите на развојот кој се забележува во Латинска Америка", рекол Рјабков во интервју за "Меѓународен живот". 

Русија ќе продолжи да ја поддржува Венецуела, која е нејзин стратешки партнер, и ќе го брани суверенитетот на Каракас, соопштил Рјабков додавајќи дека САД се занимаваат со политички егзибиционизам. Тој додал дека Москва жали што Организацијата на американски држави "OAD" врши притисок на легитимната власт во Венецуела. Исто така навел дека е сигурен дека претстојниот период ќе биде проследен со нови обиди да се оцрни политиката на Каракас - ќе се долева масло на огнот во внатрешните процеси кои таму се случуваат и нема да се даде можност за продолжение на внатрешниот дијалог.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, прокоментирала дека настаните во Венецуела покажуваат како се однесува Западот кон меѓународното право.

"На примерот на случувањата во Венецуела добро се гледа како напредното западно општество се однесува кон меѓународното право, суверенитетот и не-мешањето во внатрешните работи на државите, менувајќи ја таму власта на своја рака", напишала таа на Фејсбук.

Претходно претседателот на парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, се прогласил за в.д претседател на државата за време на траењето на мандатот на привремената влада. САД соопштиле дека го признаваат Гваидо и бараат од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, да не дозволува насилни акции против опозицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг