Ким вели дека Трамп му испратил „одлично“ писмо

Макфакс

24/01/2019

13:40

771

Големина на фонт

а а а

Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, нареди подготовки за вториот самит со американскиот претседател, Доналд Трамп, истакнувајќи дека ќе чека трпеливо и со верба за остварување на заедничката цел на двете страни, пренесе севернокорејската државна агенција КЦНА.

Како што се наведува, Ким изразил големо задоволство по добиеното „одлично“ писмо од Трамп.

И покрај решеноста на Ким за уште една средба со Трамп, двајцата остануваат во несогласувања околу фундаменталните прашања. Според експертите, главното сопнување е во тоа кои чекори треба да ги преземе Ким во однос на денуклеаризацијата за да го помести застојот на нуклеарните преговори и какви награди треба да обезбеди Трамп за да го притисне неговиот севернокорејски колега, да ги преземе тие мерки.

КЦНА соопшти дека Ким добил писмо од Трамп, кое му го доставил севернокорејскиот амбасадор, кој се сретна со американскиот претседател во Вашингтон минатата недела. По средбата со Ким Џонг-чол, Трамп рече дека со Ким Џонг-ун, најверојатно ќе се сретнат кон крајот на следниот месец, но не кажа точно кога ниту каде ќе се одржи вториот самит.

Нуклеарните преговори се заглавени откако Ким и Трамп се состанаа во Сингапур минатиот јуни за време на нивниот прв самит, кој заврши со нејасни заклетви за денуклеаризација од страна на Ким.

Предвидувањата се дека САД и Северна Кореја ќе се заложат за воспоставување нови односи и здружување на напорите за изградба на траен и стабилен мир на Корејскиот Полуостров.

Набљудувачите на Северна Кореја велат дека Виетнам најверојатно ќе биде избран како место за втор самит, но нема официјална потврда.



Спонзорирани линкови

Маркетинг