После повлекувањето на САД од Сирија, Русија и Турција работат на нова стратегија, а тоа ќе биде најважната тема на разговор помеѓу претседателите на двете земји, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган денес во Москва.
После најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека американските сили ќе се повлечат од Сирија, сега сите учесници во војната ќе мора да ја променат тактиката на теренот, тврди „Дојче Веле“ и открива дека денешните разговори ќе бидат фокусирани на три теми.
Имено, Путин и Ердоган во Москва ќе разговараат за формирање на безбедносни зони на северот од Сирија, источно од Еуфрат, потоа за можната операција на турската армија во Манбиџ и растечкото влијание на исламистите блиски до Ал Каида во сириската провинција Идлиб.
Како што се открива, од сите тие теми, Турција нема единствено да се откаже од својот став дека курдските борци кои што беа формирани за борба против Исламската држава, а се блиски до Работничката партија на Курдистан, и натаму за Анкара ќе останат терористичка организација.
Познато е дека курдските борци “YPG” беа најголем сојузник на Американците на северот на Сирија. Американците ги вооружуваа и обучуваа и може да се каже дека Курдите беа единствениот вистински противник на џихадистите на Исламската држава. Сепак, нивното присуство и натаму им пречи на Турците и токму поради тоа, Трамп неодамна порача дека „економски ќе ја уништи Турција“ доколку турската армија ги нападне Курдите.
„Дојче Веле“ пренесува дека целта на “YPG” е основање на автономен регион на северот на Сирија, јужно од турската граница, на територија на која што Турција сега планира да биде формирана безбедносна зона.
Експертите сметаат дека Трамп и Ердоган се согласуваат околу воведувањето на безбедносната зона која што би требало да биде широка 32 километри, но не е јасно дали и целата американска администрација на чело со Пентагон се согласува со тоа.
Експертот за турско-руските односи, Керим Хас е сигурен дека Трамп и Ердоган водат разговори околу сириските Курди и дека според договорите, Турција не би ги напаѓала Курдите, туку тие би ја напуштиле зоната во правец на југ. Хас смета дека можно е формирање на некаква Курдска држава на територијата на Сирија, по примерот на северен Ирак, но тоа би било со дозвола на Турција.
Според неговите зборови, Москва смета дека режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад би требало да воспостави контрола над сите подрачја во Сирија, но и да предвидува некаков вид на автономија за Курдите.
„Дојче Веле“ тврди дека Ердоган веќе со месеци се заканува со офанзива на градот Манбиџ на западниот брег на Еуфрат. Станува збор за град кој што додека беше контрола под Исламската држава, очигледно на официјална Анкара не ѝ претставуваше проблем, но откако Курдите го ослободија од џихадистите во 2016-та година, тогаш сето тоа прерасна во голем проблем за Турција.
Од друга страна, Русија би сакала да го види Манбиџ под контрола на сириската армија, а Керим Хас тврди дека Москва никогаш не би им дала зелено светло на Турците за воена офанзива на овој сириски град.
Хас смета дека, колку и да му е важна на Ердоган ситуацијата на источниот брег на Еуфрат и во Манбиџ, толку и на Путин му е важна судбината на градот Идлиб, каде што Турција сака да спречи офанзива на сириската армија со цел да спречи нов бегалски бран.
„Се очекува дека Путин во Москва ќе го потсети Ердоган на ставките од договорот за Идлиб и јасно ќе му стави до знаење – или вие ќе ги протерате милитантите од регионот, или тоа ќе го сториме ние“, порача Хас.