Американскиот потпретседател без криење, јавно повика народот да се обедини во Венецуела против тамошниот претседател Николас Мадуро.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро нареди „тотална ревизија“ на односите со САД откако Белата куќа отворено застана на страната на тамошната опозиција, повикувајќи ги „да се обединат и да го симнат од власт диктаторот кој нема легитимно право да владее“.
Денес во Венецуела веќе ескалираше ситуацијата во која што демонстрантите се судрија со полицијата, а во пресметките има и загинати, нешто што сигурно не му оди во прилог на претседателот Мадуро.
Потпретседаелот на САД, Мајк Пенс објави видео порака во која отворено порачува дека поддржува промена на режимот во Венецуела.
„Мадуро е диктатор кој што нема легитимно право да владее. Тој никогаш го нема освоено претседателското место преку слободни и фер избори. Дојде време народот на Венецуела да ја превземе судбината во свои раце и да оствари слобода“, порача Мајк Пенс и додаде дека САД ќе биде со нив во секој момент.
„САД ја поддржува храбрата одлука на Хуан Гаидо, претседателот на Народното собрание, да ја потврди уставната моќ на тоа тело, да го прогласи Мадуро за узурпатор и да повика на воспоставување на транзициска влада“, порача американскиот потпретседател.
Мадуро остро го осуди ова американско мешање во внатрешните работи на Венецуела и порача дека Венецуела во следните неколку часа ќе ги објави мерките кои што ќе бидат воведени против Соединетите Американски Држави.
„Доста е со агресија и заговори, што е премногу, премногу е. Ова е империјалистички интервенционизам, ваков повик на пуч е без преседан во 200 години односи помеѓу САД и Венецуела“, порача Николас Мадуро.