Панел-дискусија „НАТО-повеќе од Алијанса за стабилност и безбедност“

Макфакс

21/01/2019

17:44

884

Големина на фонт

а а а

Комисијата за одбрана и безбедност, во соработка со Министерството за одбрана и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија организираа панел-дискусија на тема „НАТО-повеќе од Алијанса за стабилност и безбедност“.

Овој настан е во рамките на официјалната посета на Република Македонија на министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец.

Отворајќи ја панел-дискусијата, претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Хари Локвенец, рече дека оваа Влада минала низ болен процес на преговори со Грција и со макотрпен пат за интеграција во НАТО. Вратен е меѓународниот углед на нашата држава која се водеше од политиката на решавање, а не создавање на проблеми. Нашата земја, рече е достоен партнер за НАТО.

Емилија Александрова од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата рече дека оваа Пратеничка група ги поддржа измените во Уставот и сметаат дека Република Македонија е на сигурен пат кон членство во НАТО. Додаде дека, сепак, Договорот од Преспа е само прв чекор, а сега нè очекува вистинската работа.

Илија Николовски од Партијата на обединето пензионери и граѓани на Македонија се заблагодари на поддршката на Република Словенија која ќе биде следна земја за контакт во НАТО.

Реџаиљ Исмаили од Пратеничката група на ДУИ посочи дека не било лесно за две години да се исполнат сите заложби за наше членство во НАТО и изрази надеж дека во месец јуни или јули Македонија ќе го добие заслуженото 30. место во НАТО.

Илија Димовски од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Република Македонија мораше да плати посебна цена за да стане членка на НАТО. Тој не се сомнева во капацитетот на институциите за реализирање на заложбите и задачите и се надева на брзо зачленување во НАТО.

Министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец, рече дека како министер бил сведок на Самитот во Букурешт во 2008 година. Според него, сега Македонија има брз двегодишен напредок и е пример во регионот за храбро лидерство и граѓани, кои на Референдумот, во големо мнозинство, одбра да живее во евроатланска иднина. Карл Ерјавец посочи дека по приемот во НАТО, Словенија станала дел од безбедносната рамка што ја направи и посигурна бизнис-средина. Министерот го изрази своето задоволство што Македонија конечно ќе стане членка на НАТО.

Никола Димитров, министер за надворешни работи, рече дека дебатата се одвива во клучно време кога се прават последните чекори за реализација на една желба и амбиција, а тоа е членство во НАТО.

„18 години по формирањето на Вилнус групата кога било потенцирано дека Европа нема да биде цела и стабилна додека сите земји членки на групата не станат и членки на НАТО, Македонија, но и соседите и Регионот, се пред самата цел која ќе почне со ратификацијата на Договорот во Грчкиот парламент. Членството во НАТО не значи само силна армија, туку и силна демократија и институции, сигурна и просперитетна држава“, рече Димитров.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, рече дека политичката волја на Владата ќе била пуста желба доколку Собранието не било подготвено да создава политики на 21. век.

„Македонија, како ретко кога, успеа да се покаже во најдобро можно светло. Членството во НАТО за Македонија ќе има брзи ефекти и во економијата, бидејќи ако нема безбедност нема ни просперитет. Прашање на недели е кога во Парламентарното собрание на НАТО нема да бидеме само на минување, туку ќе седнеме и ќе го заземеме заслуженото место“, рече Шекеринска.

Заклучувајќи ја панел-дискусијата, амбасадорот на Словенија Милан Јазбец рече дека процесот бил долг, но Македонија ќе стане 30. земја членка на Алијансата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг