„Ова што го прави власта не е борба против загадувањето. Ова се пиар-мерки за намалување на бесот кај граѓаните и не се по ништо различни од претходните, исти се, ги видовме, не дадоа резултати“, изјави за „Макфакс“ Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“.
Таа ги повика надлежните да си поднесат оставки затоа што, како што рече, немаат ниту капацитет, ниту желба да се справат со проблемот.
„За жал, власта проблемот со аерозагадувањето го сфати многу лежерно. Не може да глумиме загриженост и да чекаме да поминат две години, па потоа да видиме дека планот не успеал, па да правиме нови планови. Се знае, треба сериозно да се зафатат со него, да се одвојат повеќе пари и конкретно да се дејствуваа. Се покажа дека ова власт нема ниту волја, ниту капацитет, ниту луѓе на вистински места да направат нешто. Не може да ни биде приоритет ЕУ и НАТО, а ваково сериозно прашање да се турка на страна. Затоа бараме оставки од сите кои се надлежни за негово решавање. Нека покажат свест и одговорност, нека се повлечат, а на нивни места нека дојдат луѓе кои вистински ќе се заложат“, рече Георгиевска.
Георгиевска му порача на заменик-министерот Макрадули да не повикува на трпение кај граѓаните, затоа што реалната состојба не го дозволува тоа. Додава дека секојдневно се зголемува бројот на пациентите во болниците, кои се жалат на респираторни проблеми.
„Нека појде на ургентен, на пулмологија, да погледне како е да се дише на апарати. Како изгледа да се бориш за воздух“, рече Георгиевска.