Бесплатен јавен превоз, поскап паркинг и запирање на градежните работи поради загадувањето

Макфакс

20/01/2019

13:12

2.809

Големина на фонт

а а а

Наместо градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, на прес-конференција денеска се појави неговиот портпарол Ваљон Салиху кој ги соопшти чекорите што ќе бидат преземени поради енормното аерозагадување, кое трет ден по ред го надминува законски дозволениот минимум.

Од денеска се воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето. Понатаму, Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност, а беа повикани и сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до престанокот на итните мерки.

„Град Скопје ја интензивираше контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност“, соопшти Салиху.

Град Скопје ги повика градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, а МВР да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.

„Ова не е битка која што ја водиме само денес. Град Скопје работеше цела година на 25 нови мерки против загадувањето кои ги немаше претходната градска администрација, а кои беа иницијативи на стручната и граѓанската јавност, препораки во студиите за загадувањето. Не можеме сами во оваа битка, потребна е поголема вклученост и на другите институции и на граѓаните“, рече Салиху.



Спонзорирани линкови

Маркетинг