Коментар: Ќе извади ли Лазаров нов Наумче или Жути од „првачињата“?

Дерби

18/01/2019

12:46

1.960

Големина на фонт

а а а

Иако сега е најболното време за „разглабање“, во духот на поговорката дека „нема подобар тајминг од сега“, мора да се осврнеме на постигнатото и да резимираме каква иднина го очекува македонскиот ракомет на кус и среден рок.

Лично, не ги наоѓам за достојни споредбите со „детска градинка“. Ако му веруваме на Раул, овој избор на ракометари е најдоброто што Македонија го има. Ако имало подобри кои не биле земени предвид, тогаш би можело расправата да ја водиме во друга насока. По ова прашање мислам дека (ако воопшто може да му се пише како „грев“ на Раул) е тоа што наместо Даскаловски на светското требаше да се најде друг трет голман кој ќе одеше да собира искуство. Рака на срце, кариерата на Даскаловски во пониските лиги низ Франција не го прави достоен наследник на Ристовски и Митревски, а наспроти тоа ги имаме Мартин Томовски кој брани во Лигата на шампионите за Металург и Јане Цветковски кој гради интернационалната кариера без ниту еден настап за македонската репрезентација, па заигра и за Иштад во Шведска и за Вецлар во Бундес-лигата.

Оттука, ако ова е најдобриот играчки состав што Македонија може да го добие по пензионирањето на Наумче Мојсоски и повлекувањето на Миркуловски, тогаш мораме да се посветиме на нивна едукација и натамошно усовршување. Младинците како генерација до 21 година земаа шесто место на свестското минатата година и го покажаа потенцијалот. Да, тие веројатно не се класа како Лазаров, но нема да отидеме подалеку ако тоа го посочуваме. Младоста е нивниот квалитет! Норвшека направи „попара“ минатоиве години со подмладена генерација, па никој не се пожали?

На Македонија и одеше најдобро додека не беше целиот товар на капитенот, кога Наумче беше закана од левата страна, а Миркуловски по средината. Раул е само селектор и колку и да е добар стратег, не може да работи со нив во клубовите. Време е да се даде акцент на македонските играчи и во домашното првенство, а Лазаров да биде прв промотор на работата со младите како нивен идол, а воедно и единствен кој има свој ракометен камп каде што веќе неколку години наназад едуцира помлади играчи.

Секој бил почетник, а кој сака да научи повеќе, треба да му се овозможи. А од кого друг ако не од Кире? Пред се од неговиот однос кон спортот, што многумина други сениорски репрезентативци го немаат: без алкохол, без никотин. Колку и да звучи чудно, за мене одговорноста што има такви играчи во репрезентацијата е кај Лазаров бидејќи тој прв треба да ги дискредитира оние кои не се достојни да му бидат колеги и да направи место за оние „првачиња“ кои се дојдени по знаење. Кој знае, можеби така еден ден ќе дочекаме и хепи енд на приказната „Лазаров и седумте апсолвенти“. Приказната за мирисот на рибата неодминливо бара поголем ангажман од македонските ракометни легенди во работата со младите уште од пониска возраст, бидејќи ако тогаш не ги научат лекциите, ќе прокоцкаат уште многу шанси потоа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг