Влада: Законот за јазици не воведува целосна двојазичност

Макфакс

18/01/2019

10:08

1.976

Големина на фонт

а а а

Законот за јазиците ги унапредува правата на сите немнозински заедници и не предвидува нови вработувања.

Македонскиот јазик со кирилското писмо останува единствен службен јазик и на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, соопшти Владата, коментирајќи дека се шират лажни вести околу примената на Законот за употреба на јазиците.

Од Владата велат дека законот бил донесен соодветно на правните процедури, а опозицијата имала можност амандмански да учествува во усовршувањето на законот.

„Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците. Неучеството не ја исклучува политичката одговорност на опозицијата за нивното одбивање да бидат дел од унапредувањето на правата на граѓаните во нашата земја.

Лажните или неосновани тврдења за наводен дополнителен товар во буџетот и за нови вработувања се само изговори и опструкции на опозицијата“, велат од Владата.

Оттука посочуваат дека вистината е оти Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазиците, како што предвидува законот и како што било утврдено со политичкиот договор за негово донесување, кадровски ќе бидат екипирани од постоечките човечки реурси во министерствата, агенциите и секретаријатите. Не се предвидени нови вработувања. Владата појаснува дека работата на Агенцијата ќе се однесува на сите јазици.

„Агенцијата ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска, турска, ромска или друга етничка заедница ќе има потреба од каков бил документ на друг јазик, покрај македонскиот јазик, тогаш Централната агенција ќе им излезе во пресрет на тие граѓани, да им обезбеди услуга на нивниот мајчин јазик којшто најдобро го разбираат“, додаваат од Владата преку соопштение.

Вистина е дека унитарниот карактер на Македонија не е доведен во прашање, појаснува Владата, a законот нa ниту еден начин не ја загрозува употребата и заштитата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Законот, како што тврдат, не воведува целосна двојазичност ниту на целата територија на Република Македонија, ниту во сите области на правниот поредок. Во меѓународните односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика, македонскиот јазик е единствен официјален јазик во Република Македонија, што е утврдено со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година.

„Согласно заклучок на Владата, Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија од страна на Министерството за правда, и сите евентуални забелешки ќе бидат вградени во текстот на овој Закон. Тоа е гаранција за целосно почитување на европските стандарди“, уверува Владата.

Во соопштението, понатаму се додава дека сите се добитници со овој закон, Македонија ништо не губи, а многу добива со остварување на последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор. Со носење на Законот за употреба на јазиците, велат од Владата, се става крај на национализмот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг